Со средства од државниот буџет ќе се реконструираат преку 40 основни и средни училишта во Македонија. Владината програма предвидува изградба и на најмалку 14 модуларни училишта, 10 нови објекти за големите училишта и барем 3 доградби на постоечки објекти. За целосна реализација на плановите за тековната година ќе се издвојат преку 11 милиони евра. Според портпаролот на македонската влада Александар Ѓорѓиев, со програмата ќе се подобрат условите за учење на над 50.000 ученици. Обемот на санација на образовните зданија ќе зависи од проценката на состојбата во која се наоѓаат тие, при што таа би опфатила: промена на подови, покриви, санитарии, системи за греење, фасади, прозорци и внатрешна столарија.
Владиниот портпарол на денешната прес – конференција објасни дека реконструкцијата и изградбата на нови основни и средни училишта ќе се оствари во повеќе општини на територијата на целата земја. Сите градежни зафати треба да завршат до првиот квартал од 2014 година, а реализацијата на истите ќе се одвива во неколку фази. Од владата напоменуваат дека постои можност програмата да претрпи дополнувања во идниот период, во насока на зголемување на бројот на објектите што ќе се санираат.