Претходна статија
Студентски конкурс за графички обликуван постер за БИСТА 2018
Следна статија
„Визер“ укина три лета од македонските аеродроми, Министерството за транспорт ветува субвенции

Владата ќе поддржи неколку инфраструктурни проекти во Велес

Објавено на 13.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и велешкиот градоначалник Аце Коцевски денеска извршија увид во изградбата на водоводната линија за населените места Оризари и Превалец во Велес. Проектот во вредност од 11,5 милиони денари се реализира по успешно организираниот тендер од надлежното министерство и се очекува да биде завршен до крајот на 2018 година. „Ова е многу значаен проект со кој значително ќе се подобри водоснабдувањето на овие две населени места, бидејќи ќе се поврзат на градската водоводна мрежа“ изјави министерот Сугарески.

 

*Извор на фотографија: Општина Велес

 

Во текот на средбата, министерот Сугарески и градоначалникот Коцевски разговараа за тековните проекти што се реализираат во Велес, како и за три нови проекти во вредност од половина милион евра, кои општина Велес ги достави до Министерството за транспорт и врски на разгледување. Станува збор за реконструкција на седум велешки улици, покривање на отворениот канал кај фабриката „Благој Ѓорев“ и за изградба на канализацијата во селата Сливник и Сујаклари. Од министерството ветија дека ќе ги разгледаат проектите и ќе ги достават до Европската инвестициска банка за нивно одобрување.

 

Министерот Горан Сугарески вети и реализација на неколку инфраструктурни проекти во Велес што се од национално значење. Годинава треба да започне рехабилитацијата на автопатот Велес-Градско во должина од 10 километри. Надлежните власти планираат до крајот на 2018 година да распишат тендер за реконструкција на стариот пат од Катланово до Велес, како и на стариот пат од Велес до Демир Капија. Преку ИПА програмата на ЕУ ќе се направи обид да се обезбедат средства за реконструкција на пругата од Велес до Битола.