Министерството за економија со Програмата за поддршка на туризмот за 2015 година издвои 20 милиони денари за враќање на автентичниот изглед на Старата скопска чаршија, како една од најголемите чаршии на Балканскиот полуостров. За проектот денеска говореа министерот за економија Беким Незири и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити. Првиот човек на Чаир рече дека целта на проектот е да се врати сјајот на Старата скопска чаршија, бидејќи денес во една единствена уличка може да се најдат десет различни излози изградени од дрво, метал и други материјали кои не ја пренесуваат автентичноста на чаршијата.
„За да се врати автентичноста на Старата скопска чаршија како пример го земавме моделот на Сараево, чија чаршија е една од најпознатите и во која сите дуќани и улички се унифицирани. За реализација на овој проект ќе се користат средства од Програмата ИПА, со кои ќе ги вратиме оригиналниот изглед на локалната заедница во чаршијата и на дел од дуќаните во неа. Дуќаните ќе се реновираат, само со согласност на сопствениците, што значи тој сегмент ќе се изведе само со нивна желба, односно не е задолжителен. Сите трошоци ќе ги покрие општината, во соработка со Министерството за економија“, изјави градоначалникот Изет Меџити.
» Форумска дискусија за Старата скопска чаршија