Претходна статија
„Охрид СОС“ побара, а владата го објави Извештајот за спроведување на препораките на УНЕСКО
Следна статија
Од 13 март изложба „Пре-фабрикати: Растечките куќи на Скопје“

Владата и локалната самоуправа работат на заштита на Скопскиот аквадукт

Објавено на 25.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Просторот околу Скопскиот аквадукт е исчистен и се отстранети дивите депонии. Ова е првиот чекор преземен од владата и од локалната самоуправа за натамошна заштита на овој вреден локалитет. Премиерот Зоран Заев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел Велимир Смилевски го посетија аквадуктот и ветија постепено заживување на овој историски објект. Од државниот буџет за култура за 2018 година се одвоени 1.100.000 денари за изработка на проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт.

 

*Извор на фотографија: Влада на Р.М.

 

„За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови од аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази“ изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов појасни дека Град Скопје обезбеди посебна сигнализација и информативни мапи, со што овој локалитет ќе се врати на туристичката мапа на Скопје. На просторот ќе се уреди ново зеленило, и ќе се постават клупи и канти за отпадоци и придружна културна инфраструктура.

 

„Град Скопје на оваа локација има предвидено изградба на летна сцена од 600 до 1.000 седишта, надвор од заштитното подрачје, изведена на начин што нема да смета на визурата на аквадуктот“ нагласи градоначалникот Шилегов. Градот Скопје работи и на проектирање на ролерско-велосипедска патека на Кејот на реката Вардар од кајакарскиот клуб во Градскиот парк, покрај реката Серава, низ Момин Поток, покрај касарната „Илинден“ до самиот аквадукт. Од Општина Бутел ветија дека ќе се зафатат со хортикултурно уредување на околината.

 

Премиерот Зоран Заев изјави дека тој бил запустен во изминативе години. „Продолжуваме со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи“ рече премиерот.