Констатирани се сериозни пропусти во реализацијата на одржувањето на Супер купот на УЕФА во Скопје. Владата на вчерашната седница констатираше дека АДСДП е одговорно за постојната состојба со адаптацијата на арената „Филип Втори“ за одржување на големиот настан на 8 август. „Задолжен е Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да изнајдат начин за одржување на УЕФА Супер купот“ се нагласува во владиното соопштение за вчерашната седница.
УЕФА со свои претставници на 21 јули ќе дојде во Скопје за да ги провери условите за одржување на фудбалскиот натпревар меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид на арената „Филип Втори“. За адаптација на спортскиот објект веќе се потрошија над 147 милиони денари од државниот буџет, но досега не се завршени во целост предвидените работи. Пред еден месец, директорот на АДСДП Цветко Грозданов го обвини градоначалникот на општина Центар за пролонгирање на изградбата на просторот наменет за сместување на телевизиските екипи што ќе го следат натпреварот.
Од АДСДП пред еден месец информираа дека се завршени 99% од севкупните работи за адаптација на стадионот, но не прецизираа кои активности доцнат со реализација во моментов и што преостанува да се реализира од условите што ги бара УЕФА за одржување на важната спортска манифестација.