Бесплатните интернет клубови низ македонските градови во иднина ќе се претворат во Сали за јавни услуги. За потребите на владиниот проект „ Една точка за услуги“, распишан е оглас за изработка на проекти за ентериерно уредување на 14 деловни простории низ општините во земјава. Министерството за информатичко општество и администрација трага по проектанти за изработка на идејно решение за внатрешно уредување, проект за внатрешно уредување со предмет и друга проектна документација со проектантски надзор при изведбата на идните „Сали за јавни услуги“.
Врз основа на изработениот проект, владата ќе инвестира во реновирање, адаптирање и опремување на постоечки простории во 14 македонски градови. „Проектантското биро да има предвид дека проектите за ентериерно уредување треба да бидат изработени во насока на обезбедување на визуелно препознатлив и воедначен изглед на просториите, таму каде што условите го дозволуваат тоа“ се наведува во распишаниот оглас.
Од надлежното министерство планираат да одвојат околу 600.000 денари за изработка на проектната документација. Понудите на заинтересираните проектантски бироа треба да се достават најдоцна до 26 септември. Рокот за изготвување на проектите изнесува 45 дена од денот на склучување на договорот.