Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ е единствената што достави барање за доделување на субвенции за воведување евтини летови кон шест европски градови. Ако биде дефинитивно потврден изборот од страна на Министерството за транспорт и врски, тогаш од скопскиот аеродром „Александар Велики“ веќе од 1 јули 2015 година ќе се реализираат дополнителни летови кон Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и кон уште еден помал германски град. За прв пат од почетокот на владиното субвенционирање на авиокомпаниите, од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе се воспостави директен лет до швајцарскиот град Базел. „Визер“ ќе лета кон овие дестинации два пати во текот на неделата.
Од државниот буџет за субвенционирање на евтините авионски летови ќе се одвојат 5 милиони евра, и тоа во периодот од 2015 до 2018 година. По донесувањето на конечната одлука за поднесеното барање од надлежното министерство, авиобилетите ќе бидат достапни за купување преку интернет – сајтот на „Визер“. Јавниот повик за доставување на барања за доделување на субвенции за евтини летови беше распишан на почетокот од декември годинава.