По два неуспешни повици, унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ успеа од трета среќа да ја добие финансиската поддршка од владата за воведување на нови летови од македонските аеродроми. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција информираше дека на јавниот повик била доставена само една понуда, при што „Визер“ овој пат успеала да ги исполни сите критериуми и услови за добивање на субвенциите. „Со задоволство можам да објавам дека јавниот повик е успешен“, изјави министерот Сугарески.
Авиокомпанијата „Визер“ во периодот 2019 – 2022 година ќе се стекне со субвенции во износ од 312 милиони денари, а за возврат ќе треба да воведе воздухопловен превоз на минимум четири нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид и до барем два нови града од скопскиот аеродром. Притоа, најдоцна до 26 март 2019 година од двата аеродрома ќе треба да бидат воведени по две нови авиодестинации кон странство, кои пак треба да се одржуваат минимум два пати неделно. Во рок од една година од денот на склучувањето на договорот, „Визер“ ќе треба да ги стави во функција и останатите две дестинации од охридскиот аеродром.
Од авикомпанијата „Визер“ засега не ги откриваат новите градови до кои ќе се патува од македонските аеродроми. Сигурно е дека ќе бидат дестинации што не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони, што беше и еден од критериумите за добивање на субвенциите. Министерот Горан Сугарески потенцираше дека „Визер“ останува сериозен партнер во развојот на македонскиот авиосообраќај. Доколку се реализира целокупниот договор, тогаш македонските аеродроми и догодина ќе можат да очекуваат годишен раст на превозот на патници од барем 10% во споредба со изминатава година.