Владините субвенции во износ од 306 милиони денари во наредните три години ќе ги употреби нискобуџетната авиокомпанија „Виз Ер“ за да воведе шест нови авиолинии, при што само во првата година од државниот буџет ќе се издвојат 75 милиони денари за воведување дополнителни дестинации и зголемување на бројот на патници во авиосообраќајот. Унгарскиот авиопревозник од зимскиот ред на летање, започнувајќи од 28 октомври, ќе понуди по два лета неделно кон Милано, Ајндховен, Дортмунд и Минхен, од 29 октомври ќе лета два пати неделно кон Малме и од 30 октомври ќе организира летови три пати неделно кон Базел. Во наредниот период „Виз Ер“ можеби ќе воведе и дополнителен лет кон Брисел. Компанијата има обврска најдоцна до крајот на годинава да воспостави база со најмалку еден воздухоплов на аеродромот „Александар Велики“ и да ја одржува во текот на тригодишниот договор.
Со доделување на субвенциите се очекуваат најмалку 120.000 дополнителни патници во првата година од договорот, барем 135.000 патници во втората година и најмалку 150.000 патници во последната година. За секој заминат патник компанијата ќе добива по девет евра во текот на првата година, по осум евра во текот на втората година и по седум евра во третата година. Еднократна финансиска помош во износ од 40.000 евра ќе и се додели на „Виз Ер“ за секоја од воведените шест нови дестинации, а дополнителни 30.000 евра ќе се доделат за секоја наредна дестинација. На објавениот повик од страна на владата се пријавиле три авиокомпании, но само „Виз Ер“ доставила понуда и ги исполнила пропишаните услови.