Скопјани од денеска нема да можат да изнајмат јавен велосипед. Од „Градски паркинг“ соопштуваат дека на 31 октомври завршува сезоната за оваа година, така што во периодот до 1 април 2015 година граѓаните нема да можат да ги користат овие превозни средства. И покрај предлозите од Градот Скопје за пакет решенија со кои ќе се намали загадувањето во главниот град, меѓу мерките не се најде и зголемувањето на бројот на пунктови и велосипеди за изнајмување, ниту пак нивното целогодишно користење. Досега можност за изнајмување велосипед имаше на некој од пунктовите на Ј.П. „Градски паркинг“ во општините Центар, Карпош и Аеродром, по цена од 10 денари за велосипед за еден час користење. Во соработка со невладините организации, Градот го стартуваше проектот за користење на јавни велосипеди во јуни 2010 година, како уште една алтернативна опција за транспорт во метрополата.