Под мотото „Точаците слободно да течат по кеј!“, велосипедистите од „Критична маса“ утре по 40-ти пат ќе организираат возење на точаци низ улиците на Скопје. Организаторите на настанот со утрешното дружење се фокусираат на актуелните проблеми со кои се соочуваат граѓаните кои возат велосипед на патеката покрај реката Вардар. Во моментов, велосипедската патека е прекината на две локации поради извршување на градежни работи. Истовремено, корисниците на ова превозно средство се приморани самите да се снаоѓаат на местата каде што со своите велосипеди не можат да поминат.
„Сметаме дека е од исклучително значење на двете наведени локации да се обезбеди алтернативна патека за велосипеди со рампи со соодветен наклон за движење (новата рампа кај Холидеј Ин е добар пример), со соодветна подлога и ознаки. Еден Град кој се стреми да го добие епитетот вело – град не само што не смее да замижи пред ваков проблем, туку треба и веднаш да го реши“, истакнуваат од граѓанската иницијатива „На Точак“. Тие велат дека велосипедската патека покрај Вардар не е целосно интегрирана во околината и поврзана со рампи.
Утрешното возење на велосипеди ќе започне во 17:30 часот, од пред паркингот под Железничката станица, покрај Кејот на реката Вардар. Крајната дестинација на велосипедистите е амфитеатарот на кејот во општина Карпош.