Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Напредуваат активностите кај Бигорскиот Манастир
Следна статија
Потпис за старт на реконструкцијата на здравствени објекти ширум државата

ОСВРТ: Велосипед ДА, но КОГА и КАКО?

Објавено на 19.07.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Бројните проекти за растоварување на сообраќајниот метеж во Скопје се редат години наназад, но притоа ретко се размислува за евентуални алтернативни решенија на ваквите градежни зафати, како што е воведување на јавен велосипедски систем во градот Скопје.

Една од ретките иницијативи за поголема употреба на велосипедите е онаа на неколку здруженија предводени од невладината организација „Екосвест“ и градот Скопје, која што беше промовирана во текот на септември 2009 година. Сепак, по повеќе од половина година од започнувањето на акцијата за изнајмување на велосипеди во Скопје, резултатите се речиси поразителни. Ниту еден од планираните пунктови за изнајмување на велосипеди не профункционира, додека поставените велосипеди се оставени на забот на времето.


#Неуспехот на ваквиот велосипедски проект е само една алка од неуспешното спроведување на организиран јавен превоз со велосипеди во Скопје, но и воопшто на користењето на велосипеди од граѓаните. Најголемиот проблем во создавањето на ваков јавен транспорт по теркот на европските градови е непостоењето на развиена мрежа на велосипедски патеки. Освен изградбата на велосипедската патека по кејот на Вардар и реконструкцијата на патеките во општина Аеродром, во изминатите 20 години во Скопје не е вложено во посериозна надградба на велосипедската инфраструктура. Симболичната мрежа од 40-тина километри велосипедски патеки укажува на недоволната инфраструктура во градот. Одредени општини, како што се Бутел, Чаир, Ѓорче Петров и Кисела Вода, немаат речиси ниту еден километар велосипедски патеки, а не е ниту одвоен никаков простор од булеварите и улиците за велосипедите. Отежнувачка околност е и фактот што патеките во центарот на градот се завземени од автомобилите или пешаците. Од друга страна, постоечката велосипедска мрежа е најчесто неозначена со хоризонтална и вертикална сигнализација


Дополнителен проблем за велосипедистите е и непостоењето на велосипедски паркиралишта пред трговските центри, плоштадите, банките, факултетите, автобуската и железничката станица и други битни јавни институции.


Сите овие наведени проблеми се лесно решливи, бидејќи изградбата на велосипедски патеки, поставувањето на пунктови и паркинзи и обележувањето на истите претставуваат неколкукратно поевтини од изградбата на големи булевари, мостови или тунели за автомобилите.


Што предвидува проектот за изнајмување на велосипеди “Rent a bike„:


#1. Изнајмување на велосипеди од пунктови на паркинзите на Градски паркинг во општините Центар, Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров ;

2. Симболична сума од 10 денари за изнајмување на еден велосипед во период од 1 час;

3. Изнајмувањето на велосипеди се врши со валидна лична карта на лица постари од 18 години;

4. Подготвени 100 велосипеди за почеток на проектот.


Седум позитивни последици од воведување на велосипедски сообраќаен систем:


1. Намалување на моменталниот сообраќаен метеж;

2. Значително кратење на средствата од градскиот буџет за изградба на нови улици и надградба на постоечките;

3. Намалување на загадувањето на воздухот и поздрава животна средина;

4. Значителна заштеда на финансиски средства на граѓаните, во услови на поскапување на горивата, велосипедот не користи никакво гориво;

5. Поголема физичка активност на граѓаните што води кон подобрување на здравјето на граѓаните на Скопје;

6. Намалување на бројот на сообраќајни несреќи и загинати лица, бидејќи статистиката покажува дека велосипедистите учествуваат со мал процент во бројот на сообраќајни незгоди;

7. Заштеда на финансиски средства за паркирање, бидејќи велосипедите не се подложни на наплаќање на зонското паркирање.


Итна промена и на културата на граѓаните


Промената на културата на граѓаните на градот Скопје е проблем за којшто ќе биде потребно многу повеќе време од еден започнат проект. Поставувањето на нов вредносен систем со зачетокот на капитализмот и следењето на американскиот начин на живеење, доведоа до тоа автомобилот да се гледа како своевиден статусен симбол, а не како средство за превоз на патници. Користењето на скапи автомобили, најчесто повеќе од два за едно семејство, доведува до занемарување на велосипедот како превозно средство.

Главната мисла на граѓаните е дека велосипедот превозно средство на минатиот социјалистички систем со кој се користела работничката класа. “Велосипедот е за сиромашните„ е главната негативна точка во размислувањето на скопјани. Токму ваквите размислувања нужно водат кон промена на начинот на размислување за велосипедите од страна на граѓаните на Скопје.


Најпријателските градови кон велосипедите во светот:


1. Амстердам, Холандија е град со најголема употреба на велосипеди во Европа каде што велосипедите учествуваат со 40% од целокупниот сообраќај во градот;

2. Портланд, САД е градот кој во 90-тите години ја зголеми за повеќе од четири пати должината на велосипедски патеки, за денес да има повеќе од 300 километри стази за велосипеди;

3. Копенхаген, Данска е градот во кој 32% од жителите одат на работа со велосипеди, при што користењето на велосипедите во јавна сопственост е бесплатна. Една од копенхашките општини постана територија во рамките на која воопшто не се користат автомобилите;

4. Боулдер, САД е град во државата Колорадо во кој 75% од учениците го користат велосипедот за да стигнат до училиште, додека општината троши 15% од буџетот за транспорт во развој на велосипедски сообраќај во градот;

5. Дејвис, САД е град во “моторизираната„ Калифорнија во кој 17% од граѓаните го користат велосипедот за да стигнат на работното место;

6. Берлин, Германија е градот во кој општинските власти изминатата година вложија 2 и пол милиони евра за развој на велосипедскиот систем во главниот град на државата во која се произведуваат најсовремените автомобили на денешнината. Целта е 15% од целокупниот транспорт да се одвива со велосипеди.

7. Барселона, Шпанија е градот во кој општинските власти се решија уште во 2007 година да изградат систем за изнајмување на велосипеди со повеќе од 100 пунктови и 3.200 паркиралишта на различни локации во Градот.