Поранешниот велешки хотел „Интернационал“ за осумдесет дена треба да добие нова фасада. Овие информации пред неколку дена ги потврди градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев, кој напомена дека е надминат спорот меѓу локалната самоуправа и сопственикот на овој објект во центарот на Велес.
Општина Велес ќе дозволи изградба на ресторантска сала врз постоечката во приземјето на објектот, а инвеститорот ќе ги започне градежните активности на терен за реконструкција на првиот дел од ова здание. Во новиот објект ќе има угостителски простории, кои заедно со хотелските соби треба да оформат адекватна понуда за посетителите.
Иако се наоѓа покрај паневропскиот Коридор 10, Велес е еден од ретките македонски градови кои долги години немаат хотел за сместување на посетителите на градот. Некогашниот објект „Интернационал“ веќе подолго време зјае како руина со извадени прозорци и врати, нагрдувајќи го централното градско подрачје.
Објектот има површина од 3.500 метри квадратни, а во минатото хотелот имал 150 легла, ресторан, кафе – бар и дискотека. Фирмата „Макоил“ на бизнисменот Мите Јовановски за сума од 860.000 евра го купи „Интернационал“ во 2008 година.