Претходна статија
„Барокот“ во кампусот на УКИМ и денеска ја бранува јавноста
Следна статија
Архитектонски конкурс за нова марина и надградба на градското пристаниште во Охрид

Уште 216.000 евра за непредвидено уредување на владиното седиште

Објавено на 22.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нови 13,3 милиони денари, односно 216.000 евра, ќе се потрошат за непредвидени работи околу изведбата на градежни и градежно – занаетчиски работи за ентериерно уредување и адаптација на Кула 2 од владиниот објект во центарот на Скопје. „Во текот на изведувањето на работите се јави потреба од изведување на непредвидени работи кои не се вклучени во основниот договор, а кои се неопходни за нормално функционирање на објектот. Поради изнесеното се спроведе постапка со преговарање без објавување на оглас“, посочуваат од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија. Севкупните работи ги изведува фирмата „АСПРОМ ДООЕЛ“ од Скопје.

 

 

 

Од владината служба денеска објавија оглас за набавка и монтажа на платформа на Кулата 2 од некогашна „Це-Ка“. Изборот на најповолен понудувач ќе се изврши на 4 јануари 2016 година. Со најновите трошоци, пресметките говорат дека вкупниот цех од државниот буџет за „барокизацијата“ на владиното седиште ја достигна сумата од 17 милиони евра. Покрај ентериерното уредување реализирано од „АСПРОМ“, на објектот досега работеа и градежните фирми „Бауер БГ“ и „Декон – ком“.

 

Менувањето на изгледот на објектот се врши според проект на студиото „Архитектоника“ од Скопје, врз основа на идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Архитект Петар Муличковски, кој е автор на оригиналниот проект за објектот „Це-Ка“, одамна соопшти дека не дава одобрение за извршената реконструкција на владиното седиште.