Претходна статија
Народната банка нема да се сели на Плоштадот „Македонија“
Следна статија
Државата продава локации за изградба на винарии

Уште 12 згради во строгиот центар на Скопје ќе добијат нови фасади

Објавено на 08.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градските власти со силно темпо продолжуваат со остварувањето на идејата за целосна промена на постоечките фасади на улиците „Македонија“ и „Димитрија Чуповски“ во строгиот центар на Скопје. Денеска се објавени уште два дополнителни конкурси за избор на идејни решенија врз основа на кои ќе се реконструира надворешноста на 12 станбени и деловни згради, во согласност со новоизградените зданија од владиниот проект „Скопје 2014“. Во публикуваната документација се наведува дека заинтересираните архитекти можат да конкурираат со свои трудови за секој објект посебно. Локалната самоуправа од нив бара да ги почитуваат програмските барања, но и да понудат изводливост, одржливост и инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението и задоволување на сите прописи и нормативни акти од оваа област.

 

 

 

 

Архитектонските замисли за новиот надворешен изглед на 12-те предвидени објекти треба да се достават до градските власти најдоцна до 13 декември. Победничките решенија за петте згради од првиот конкурс ќе добијат по 100.000 денари, додека на првонаградените трудови за останатите објекти од вториот конкурс ќе се доделат по 60.000 денари. Промената на надворешниот изглед на зградите што се лоцирани во строгиот центар на Скопје ќе се реализира во текот на наредната година. Иако градскиот буџет за 2013 година ќе биде помал за 10 отсто во споредба со годинешниов, сепак тоа не го спречува планот на Градот Скопје за проектирање, изработка и надзор на новите фасади да одвои 115 милиони денари, сума што е речиси идентична на вкупно одвоените финансиски средства за реконструкцијата на булеварот „Јане Сандански“, реализацијата на третата фаза од булеварот „Илинден“ и реализација на третата фаза од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.