Во текот на 2014 година ќе се реализираат значајни градежни зафати во склоп на објектите во кои функционира Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Оваа високообразовна установа објави неколку огласи за изведба на осум различни проекти за реновирање и реконструкција на постоечките згради, но и за изградба на спортски терени и паркиралишта во неколку градови во земјава. Вкупната инвестиција е проценета на 40.635.000 денари или околу 660 илјади евра, без вклучен ДДВ. Конечната сума ќе биде позната по доставувањето на понудите од градежните компании, кои е предвидено да бидат отворени на 30 јануари. Планирано е изведбените активности да се одвиваат во период од 12 месеци и истите ќе ја опфатат целата претстојна година.
На листата на градежни проекти што треба да се спроведат се вклучени: санација и адаптација на објект во Гевгелија за потребите на штипскиот универзитет, фасадно уредување на зданието „Кампус 2“ во Штип, санација и адаптација на зградата „Кампус 4“ во Штип, реконструкција на објектот „Текстилно училиште“ во кој е сместен Медицинскиот факултет, санирање на универзитетското здание во Скопје, изградба на отворено спортско игралиште кај спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип, изведба на паркиралиште во близина на објектот „Кампус 2“, како и асфалтирање на дворни површини и поставување ограда околу зградата во Амзибегово.