Претходна статија
Се отвора прашањето за либерализација на железничкиот сообраќај
Следна статија
„Бауер БГ“ ќе го гради новото училиште во населбата Лисиче

УНЕСКО со сериозни критики за владините проекти во Охрид

Објавено на 07.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

УНЕСКО предупредува дека Охрид се соочува со опасност да биде ставен на листата на загрозени светски заштитени подрачја. По испратената мисија во текот на изминатава пролет, од Комитетот на УНЕСКО изготвија извештај во кој детално се даваат препораки за тоа што треба да преземат државната власт и локалните самоуправи во однос на најавените проекти што допрва ќе се градат. Од УНЕСКО бараат да се отфрли идејата на претходната власт за изградба на скијачки центар на Галичица, но и да се стопира изградбата на новиот експресен пат Охрид-Свети Наум според утврдената постојна траса.

 

 

„Мисијата на УНЕСКО изразува загриженост од зголемување на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар „Галичица“ и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој“ се наведува во извештајот на УНЕСКО. Наспроти сериозните критики за дел од овие проекти, од УНЕСКО посочуваат дека планираната пруга од Кичево до албанската граница не би претставувала опасност за биодиверзитетот од Охридското езеро, но само доколку се почитуваат препораките на нивната мисија.

 

Македонија ќе добие рок од две години за да ги имплементира препораките изнесени во извештајот на УНЕСКО, при што во 2019 година ќе се утврди во кој степен истите се исполнети. Новата влада на СДСМ уште во предизборниот период најави дека ќе ја спречи реализацијата на сите оние проекти што може да го загрозат статусот на Охрид како град вметнат во листата на светско културно наследство, но и на Охридското езеро како заштитено светско природно наследство од УНЕСКО.

 

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска во изјава за медиумите рече дека го нема разгледано подготвениот извештај на УНЕСКО. Тој нагласи дека ќе даде свој личен коментар во наредниот период, но и нагласи дека општината е свесна за сите ризици што би можеле да настанат при изведбата на секој проект.