Претходна статија
„Водстрој 98“ најавува довршување на пругата Битола - Кременица
Следна статија
Штипски „Бетон“ годинава бележи фантастичен раст на добивката

„Лимак“ нема да ја чепка Старата железничка станица во Скопје

Објавено на 17.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Старата железничка станица во Скопје нема да се чепка ниту од турската компанија „Лимак“, ниту пак од Градот Скопје. Градските власти денеска ги разјаснија нејаснотиите по информациите од „Лимак“ за „умешно вклопување“ на зградата на Музејот на град Скопје во идниот комплекс од 300.000 метри квадратни. „Со реализација на деталниот план за Старата железничка станица нема ништо да се доградува на зградата на Музејот на Град Скопје, таа си останува со автентичниот изглед, а реализацијата се однесува на објектите кои со ДУП-от е предвидено да се изградат во околината, а кои се инвестиција на „Лимак“ велат за „Билд“ од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

 

 

 

 

Информациите од Град Скопје доаѓаат по сомнежите дека симболот на земјотресот од 1963 година ќе претрпи измени на својот изглед. Според податоците со кои располага „Билд“, самата музејска зграда до јуни 2015 година била прогласена за значајно културно наследство заштитено од Управата за заштита на културното наследство. Но, Управата на 24.6.2015 година го донела Решението со број 18-191 за изменување на донесената одлука. Во идентичен временски период, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски предупреди дека новиот комплекс на „Лимак“ е можно да биде изграден во „барокен“ архитектонски стил.

 

Зградата на Музејот на град Скопје веќе неколку децении наназад претставува објект-репрезент на главниот град. Објектот е пуштен во употреба во 1938 година, како една од најголемите железнички станици на Балканот. Зданието е изградено по проектот на белградскиот архитект Велимир Гавриловиќ, како функционално решение со поедноставен српски неовизантиски стил. За време на земјотресот од 1963 година, во зградата загинале десетици жители на Скопје, а стрелките на часовникот застанале во моментот на избувнување на природната катастрофа.

 

Неколку децении подоцна, архитектонската вредност на Старата железничка станица е доведена под знак прашање поради неконтролираното градење во околниот простор. Од спротивната страна на објектот, со проектот „Скопје 2014“ се изградија два „барокни“ објекти на Електрани на Македонија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Позади самиот музеј, предвидено е да се издигнат згради и до 20 ката на турската компанија „Лимак“.

 

Сепак, најголемо внимание привлекува издигнувањето на идниот објект на парцелата 1.5 од ДУП-от за Старата железничка станица. Околу објектот на Музејот на град Скопје со површина од 9.090 метри квадратни е предвидено да се залепи здание од 25.959 метри квадратни, кое ќе има променлива висина и до пет ката. Проектната документација со придружни фотографии од идниот комплекс на турски „Лимак“ не е објавена во јавноста во изминативе четири и пол години, а со тоа не е познат ниту замислениот спој на постоечкиот Музеј на град Скопје со новото културно здание што ќе ја обиколи музејската зграда.

 

Пред десетина дена, компанијата „Лимак“ обелодени дека наскоро ќе започне со изведба на подземната сообраќајница и надземните објекти, вклучувајќи ја изградбата на 1.000 станови, трговски центар, хотел и останати објекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk