Претходна статија
Изгласан Генералниот урбанистички план за Градот Скопје за периодот 2012 - 2022 година
Следна статија
Мал пад во бројот на предвидени станови за градба во текот на октомври

„Турбоинженеринг“ ќе ги изработи новите автобуски постојки во Скопје

Објавено на 05.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ЈСП ја избра компанијата „Турбоинженеринг“ од Скопје како најповолен понудувач за изработка на новите автобуски постојки што ќе се постават на целата територија на главниот град. Според информациите што ги објави весникот „Дневник“, понудата на оваа компанија изнесувала 983.606 евра, за разлика од второрангираната „Факом“ од Скопје која на електронската аукција понудила сума од 1,7 милиони евра за реализација на проектот. Градот Скопје за изведба на идните автобуски стојалишта ќе му префрли на Јавното сообраќајно претпријатие околу еден милион евра, кои треба наменски да ги вложи во поставување на трите вида постојки. Договорот со „Турбоинженеринг“ ќе се потпише по изминувањето на рокот за поднесување на жалба од страна на второрангираната компанија.

 

 

 

 

Македонската метропола ќе ги добие првите 50 автобуски постојки до април 2013 година, а планот на ЈСП е поставувањето на сите 226 објекти за патниците да заврши до крајот на наредната година. Скопската фирма ќе има обврска да изработи 63 единечни и 48 дупли постојки со настрешница, рекламно пано, корпа за отпадоци, клупа, светилки и возен ред на автобусите, како и 115 стојалишта со настрешница, странични стакла, корпа за отпадоци и возен ред на релациите. Настрешниците и рекламните паноа ќе бидат направени од не’рѓосувачки челик и стакло и ќе бидат покриени со лексан.

 

Во изминативе две години имаше два неуспешни обиди за остварување на проектот по пат на јавно – приватно партнерство. Грчката компанија „Ремеди адвертајзинг“ го потпиша договорот за изведба на постојките во март годинава, но во летните месеци се откажа поради недостиг на финансиски средства за нивна изработка. Откако увиде дека не може да најде приватен инвеститор во проектот, ЈСП – Скопје се одлучи самостојно да ги реализира новите автобуски станици за градскиот превоз. Набавката на електронските дисплеи за информирање на патниците ќе се одвива преку посебен тендер кој треба да се распише во претстојниот период.

 

 

» Форумска дискусија за автобуските постојки