Претходна статија
Граѓаните и експертите против уништувањето на Студенчишко блато
Следна статија
Чеси ќе стопанисуваат со учичното осветлување во Охрид

Центарци на референдум ќе одлучат за судбината на ГТЦ

Објавено на 30.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со 12 гласа „За“ и 11 гласа „Воздржани“, Советот на општина Центар денеска ја прифати одлуката за распишување на референдум за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар. Референдумското изјаснување на граѓаните ќе се одржи на 26 април во периодот од 7 до 19 часот, при што тие ќе треба да одговорат на прашањето: „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ?“. Референдумот ќе се смета за успешен ако за него гласале мнозинството од вкупниот број граѓани, но притоа на гласање мора да излезат половина од лицата што се запишани во Избирачкиот список на општина Центар.

 


* Граѓаните во неколку наврати се изјаснија против „барокизацијата“ на ГТЦ

 

 

Во име на СДСМ и на коалиционите партнери, координаторот на советничката група од СДСМ, Игор Алаџајков го истакна позитивното мислење кон одржување на референдумот. „На ГТЦ му треба обнова и реконструкција, но не со евтин кичерај и стиропор, туку со енергетски ефикасна фасада. Имаме историска шанса на граѓаните да им дадеме можност сами да одлучуваат“ истакна Алаџајков. Наспроти ваквиот став, советниците од партијата ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано за оваа иницијатива.

 

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски го поддржа одржувањето на референдумот на 26 април. „Референдумот ги обединува граѓаните, ја зголемува довербата во институциите и е коректив на одлуките на властите“, рече Жерновски. Даница Павловска од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ на денешната седница говореше за важноста поради која ќе се одржи референдумот во општина Центар. „ГТЦ е културно наследство, а референдумот е најдемократски начин и механизам за третирање на проблемите и интересите на граѓаните. Демократичноста е во прашање, со ова граѓаните стануваат свесни за својата моќ“, потенцираше Павловска.

 

Идејата за одржување на референдумот против најавената „барокизација“ на Градскиот трговски центар следи по двегодишната активност на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Спроведувањето на референдумот досега го поддржа Асоцијацијата на архитекти на Македонија и 17 невладини организации.