И во првите три месеци од 2018 година продолжил трендот на зголемување на цената на становите во Скопје. Годишен раст од 7,1% е забележан во првиот квартал од годинава, наспроти зголемувањето од 3,4% во претходниот квартал, се наведува во Кварталниот извештај објавен од Народната банка на Република Македонија (НБРМ). „По три квартали на постојано намалување, во четвртиот квартал од 2017 година се забележа раст на вредноста на изградените станбени згради, но во услови на натамошно намалување на бројот на издадените одобренија за изградба на станбени згради“ се нагласува во извештајот на централната банка.
Од аспект на побарувачката на станови, во првиот квартал од 2018 година продолжил солидниот раст на станбените кредити. Од НБРМ сметаат дека е тешко да се оцени дали растот на цената на становите е од привремен или траен карактер, земајќи го во предвид фактот дека ваквиот раст следи по подолг период на намалување на вредноста на овој вид недвижности во главниот град.
Цените на становите во Скопје се мерени преку хедоничкиот индекс, изготвен од НБРМ врз основа на огласите за продажба на станови во главниот град што се објавени од агенциите за промет со недвижности.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk