Претходна статија
Плоштадот „Скендербег“ ќе продолжи да се гради во јуни
Следна статија
Архитекти ќе го осмислуваат идниот изглед на „Езерце“ во Градски парк

Цените на становите во Скопје повторно одат надолу

Објавено на 06.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Народната банка на Република Македонија во Кварталниот извештај за последните три месеци од минатата година забележува повторно намалување на цените на станбените единици во Скопје. Индексот на цените на становите забележал намалување од 3% на квартална основа, така што единствен раст на вредноста на живеалиштата лани е регистриран во третото тромесечие. „Ваквите движења на квартална основа придонесоа за забрзување на падот на годишна основа (пад од 3,8%, по падот од 1,3% во третиот квартал на 2013 година)“, се наведува во документот на НБРМ.

 

Како причина за ваквото движење на вредноста на становите, од Народната банка ја посочуваат постојаната висока понуда на пазарот на недвижности во изминатиот неколкугодишен период, којшто се согледува преку високиот збирен раст (80%) на изградбата на станбените згради во првите три квартала на 2013 година. Додатен фактор во намалувањето на цената на колективните живеалишта е и намалувањето на трошоците за изградба, односно трошоците за градежни материјали според податоците на Државниот завод за статистика.

 

Од Народната банка нагласуваат дека постојат позитивни придвижувања на страната на побарувачката за овој вид недвижности, што може да се согледа од забрзаниот раст на одобрувањето станбени кредити во периодот октомври – декември 2013 година. Промотивните кампањи на дел од комерцијалните банки придонесоа за зголемување на интересот за станбени кредити кај македонските граѓани.

 

НБРМ ја пресметува цената на становите во главниот град четири пати во текот на една година, врз основа на огласите за продажба од страна на агенциите за промет со недвижности.