Поголема понуда на станбени површини и намалени цени на истите. Во Кварталниот извештај на Народната банка на Македонија за јули е наведено дека продолжува трендот на намалување на цените на овој вид недвижности и во второто тримесечје од годинава. „Индексот на цените на становите бележи забавен пад од 0,5% на квартална основа, која што придонесе за мало забавување на годишна основа (пад од 4,7%, наспроти падот од 5,5% во првиот квартал на 2013)“, се наведува во документот на централната банка. Во услови на пораст на трошоците за градба од 2011 година, негативните придвижувања кај вредноста на станбените единици можат да се објаснат со повисоката понуда на пазарот на недвижности.
Во извештајот се истакнува дека повисоката понуда може да се забележи преку високиот годишен раст на изградбата на станбени згради во првото тримесечје (реален годишен раст од 136,8%, стимулиран од странските инвестиции). Вториот податок што укажува на заситеност кај понудата на овој вид недвижности е понискиот број на издадени одобренија за градење на станови во првите четири месеци од годинава во однос на идентичниот период лани. Од аспект на побарувачката, станбените кредити и натаму растат во првите пет месеци на 2013 година, но поумерено. Народната банка на Македонија го определува индексот на цените на становите врз основа на огласите за продажба на станови во главниот град, објавени од агенциите за промет со недвижности.