Втор квартал по ред се зголемуваат цените на становите во Скопје. Народната банка на Република Македонија во најновиот Квартален извештај пресмета дека во периодот април – јуни 2015 година се зголемил индексот на цените на становите за 1,2% на квартална основа и за 1,1% на годишна основа. Порастот на цената на овој вид недвижности во главниот град е со забавена динамика во споредба со почетокот на годинава, кога беше регистриран квартален раст од 1,5%. Од централната банка посочуваат нема позначителни промени кај поставеноста на понудата и побарувачката на станови.
„Кумулативната вредност на станбените згради изградени во периодот 2011 – 2015 година (прв квартал од годината) е повисока за 66,3% од вредноста во периодот 2007 – 2010 година, а слична динамика покажуваат и податоците за одобренијата за високоградба. Во поглед на побарувачката на станови, постојаниот солиден раст на станбените кредити, продолжи и во вториот квартал на 2015 година, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката“, се наведува во објавениот документ. Од НБРМ велат дека забавувањето на растот во отсуство на позначителни поместувања кај понудата и побарувачката на недвижности ја поддржува оцената за привремен карактер на тековниот раст на цената на недвижностите.
НБРМ излегува со сопствени прогнози за придвижувањата на цената на станбените единици во главниот град четири пати годишно. Актуелната вредност на овој вид недвижности се следи со употреба на хедоничкиот индекс на цените на становите, кој се изготвува врз база на огласите за продажба на станови во Скопје, што се објавуваат од агенциите за промет со недвижности.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk