Претходна статија
Постигнати високи цени за земјиштето за изградба на станбени згради во битолската касарна
Следна статија
Денови на Орис по трет пат во Белград

Цените на становите паѓале во 2011 година, тренд што ќе продолжи и годинава

Објавено на 14.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Просечната цена на 1 метар квадратен станбена површина во Скопје во текот на 2011 година се намалила за 8,1% во споредба со 2010 година, додека во останатите населени места од Македонија намалувањето изнесува 6,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. На ниво на целата држава, статистичарите пресметале дека вредноста на становите во изминатата година изнесувала 50.131 денари за метар квадратен без вклучен ДДВ. Според анализата на Фортон, просечната цена на станбената површина во Скопје изнесувала 1.041 евра за метар квадратен, а предвидувањата се дека во тековната 2012 година истата ќе падне на 1.010 евра. Во текот на минатата година, во главниот град градежниците комплетирале само 1.200 нови станбени единици, што претставува намалување од дури 42,8% во однос на 2010 година. Просечната површина на изградените живеалишта во континуитет се намалува, од 69 метри квадратни во 2002 година опаднала на 64 во минатата година.

 

Наспроти падот на цената на становите, Фортон очекува во првата половина на 2012 година да порасне понудата на новоизградени објекти за живеење за 16,29% во споредба со втората половина од минатата година. Консултантската агенција за недвижности пресметала дека цената на новите живеалишта се движи најчесто од 900 до 1.300 евра за метар квадратен кај оние од средната класа, додека за купување на нови луксузни апартмани граѓаните треба да одвојат од 1.400 до 2.200 евра за метар квадратен.

 

Наспроти искуствата од европските градови, на пазарот на недвижности и понатаму највисока цена постигнуваат становите што се наоѓаат во централното градско подрачје и на Водно кои се речиси двојно поскапи од оние во населбите Ѓорче Петров, Чаир, Бутел и Гази Баба. Од Фортон констатираат дека во овој сегмент од пазарот се јавува вистинска конкуренција помеѓу многубројни проекти кои нудат разновидни концепти за буџетот со кој располагаат граѓаните, кои истовремено стануваат и пообразувани при склучувањето на зделките.

 

Во делот на канцеларискиот простор, во втората половина од 2011 година продолжува апсорбирањето на просторот од веќе изградените деловни објекти и сиромашната понуда на новоизградени зданија. Овој сегмент од пазарот на недвижности е надополнет со само 2.260 метри квадратни нови површини, но затоа пак дојде до намалување на слободниот деловен простор на 13,07% во анализираниот временски период. Скопје и понатаму нуди канцеларии кои се најмуваат по повисоки цени од Софија и идентични со оние на Белград.

 

Канцеларискиот простор од А класа во Скопје се нуди по цена од 10 до 18 евра, во Софија се движи од 10 до 12 евра, додека во Белград достигнува од 13 до 16 евра од метар квадратен. Заинтересираните субјекти за деловни површини од Б класа во Скопје треба да одвојат од 7 до 11 евра, во Софија од 6 до 8 евра, додека во Белград за истата намена ќе треба да платат од 10 до 12 евра од метар квадратен. Од Фортон заклучуваат дека секторите телекомуникации и информатичка технологија се најзаинтересирани за населување на модерниот деловен простор во Скопје, а прогнозите покажуваат дека преселбата на телекомот во новиот објект на Плоштадот Македонија и купувањето на постојните згради од Дивелоп Груп во текот на 2012 година ќе биде најголемата зделка од овој вид во Скопје.

 

Skopje City MallФортон во својата анализа забележува дека во втората половина од 2011 година не е завршен ниту еден поголем комерцијален објект, ниту пак е влезена поголема компанија позната во меѓународни рамки. Скопје сити мол и Бриколаж, заедно со влегувањето на пазарот на неколку светски брендови во текот на 2012 година ќе треба да ја подобрат маргиналната активност во овој сегмент. Во претстојнава година треба да се завршат 40.000 метри квадратни малопродажен простор со што ќе се зголеми вкупниот инвентар на 130.500 метри квадратни.

 

И понатаму се очекува зголемување на уделот на шопинг центрите во овој сегмент од пазарот, за сметка на помалите трговски центри и малопродажните единици во строгиот центар и на главните улици. Консултантската компанија заклучува дека во главниот град започнаа да се градат резиденцијални комплекси кои во себе вклучуваат и шопинг центри, а од друга страна инвеститорите во трговските центри нудат мешовит концепт кој вклучува и станбени површини.