Претходна статија
Се доградува ролерско - велосипедската патека од левата страна на Вардар
Следна статија
„Ки Сејфти Системс“ ја отвори фабриката во ТИРЗ Кичево

Цената на станбениот и деловниот простор во Скопје останува стабилна

Објавено на 08.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Просечната цена на становите во Скопје во втората половина од 2015 година изнесувала 979 евра за метар квадратен. Консултантската фирма за недвижности „Фортон Македонија“ во најновиот извештај посочува дека цената на станбениот простор во наредниот период ќе остане стабилна. Во изминатиов период во главниот град било регистрирано зголемување на понудата на станови од 9%, но постои раст и кај побарувачката. „Резиденцијалниот пазар бележи зголемување на бројот на реализирани продажби за 10% споредено со првата половина од 2015 година“, посочуваат од „Фортон Македонија“. Од консултантската компанија очекуваат интересот за купување на станови да продолжи да расте и во идниот период, ако се земат во предвид бројките за реализирани трансакции во последните 18 месеци.

 

Анализата на „Фортон Македонија“ покажува дека пазарот на деловен простор на име издадена површина, иако имаше забавена динамика во втората половина од годината, сепак на годишно ниво носи раст од 13,3% во споредба со 2014 година. Цените на закупнините на деловен простор останаа стабилни, движејќи се во распон од 11 до 15 евра како нето – вредност за метар квадратен. Во наредниот период се очекува зголемување на понудата на деловни згради од класа „А“. До крајот на 2017 година е предвидено зголемување на понудата на канцелариски простор за нови 32.400 метри квадратни.

 

 

 

Од „Фортон Македонија“ велат дека закупнините на дуќани во трговските центри останале стабилни во втората половина од 2015 година. Висината на закупнините на најдобрите локации во Скопје остана на нивото од 39 евра за метар квадратен. Примарните закупнини на главните пешачки зони се исти како и во претходниот период, движејќи се во распон од 26 до 30 евра за метар квадратен. Зголемен слободен простор за закупување е забележан во Градскиот трговски центар, за сметка на зголемената исполнетост на Ramstore Mall и Capitol Mall. Веќе во 2017 година се очекува дополнителна понуда на малопродажен простор со најавените отворања на Emporio Mall и Cevahir Sky City Mall.

 

Во сегментот на хотели, главниот град во втората половина од 2015 година располагал со 860 соби во сместувачките капацитети со четири и пет ѕвезди. Во извештајниот период е отворен новиот хотел Опера Хаус Хотел, а што во наредниот период се очекува дополнување на понудата на соби во хотелите од висока категорија. Во 2016 година е предвидено отворањето на хотелот Marriott со 169 нови соби.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk