Со финансиски средства од европските ИПА фондови, Министерството за труд и социјална политика ги обновува објектите на 12 Центри за вработување, 12 Дневни центри за деца со пречки во развојот и 18 Центри за социјална работа. Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска даде информации за степенот на реализација на овој проект. „Можам да истакнам дека едната фаза од овој проект е целосно завршена, односно веќе се завршени градежните активности за реновирање на 12 Центри за вработување. Во средна фаза на реализација е останатиот дел од проектот, за реновирање на Центрите за социјална работа и на Детските центри“ рече заменик министерот Спасов.
За обновување на 42 објекти низ целата територија на земјава од Европската унија преку ИПА програмата се добиени 2 милиони евра. Спроведувањето на проектот започна во втората половина на минатата година.