Во првата половина на септември е предвидено да отпочне комплетната конзервација и ревитализација на комплексот на црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане [» мапа]. Проектот предвидува заштита на надворешниот дел на црквата, поправка на кровот, хидроизолација на објектот, осветлување и уредување на дворот на црквата, адаптација на стара зграда во етномузеј со сувенирница, обновување на испосницата на Св. Прохор Пчински, уредување на селската чешма и изградба на бина и места за седење на публиката.
Комплетната документација за проектот ја изработи Конзерваторскиот центар од Скопје, а Министерството за култура преку Управата за културно наследство треба да ја реализира ревитализацијата на објектот. Плановите предвидуваат целосната обнова на црквата Св. Ѓорѓи да заврши во рок од 18 месеци. Финансиската конструкција во износ од еден милион евра е обезбедена од Европската комисија за култура.
Во близина на градот Куманово, црквата Св. Ѓорѓи претставува еден од најзначајните културно – историски споменици во Република Македонија. Изградена е во 1313 година врз темели на постар сакрален објект од 11 век, подигнат од страна на Роман IV Диоген. Црквата е трикорабна градба со форма на издолжен впишан крст, а над неа се издигнуваат пет куполи, една голема осмострана поставена во центарот и четири помали кубиња. Во овој сакрален објект е забележан единствен пример на изработка на икони во фреско техника во Македонија.
Бојан Блажевски