Претходна статија
Отворен Саемот за градежништво и Саемот за недвижности „RealEx“
Следна статија
Нереалната вредност на земјиштето ја диктира високата цена на становите

Целиот строг центар на Скопје ќе добие нови фасади

Објавено на 06.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје денес распиша дополнителен конкурс за избор на идејно решение за менување на надворешниот изглед на згради, и тоа за прв пат за објекти кои не се сместени на плоштадот Македонија. Проектот за обновување на фасадите се шири низ целото централно градско јадро, а притоа нов изглед ќе добијат дури 17 згради. Ќе се реконструираат фасадите на постојните објекти на улица Македонија (зградите со број 22, 25 и 27), на улицата Никола Вапцаров (зградите со број 2, 4, 6, 8, 9, 10, 11, 12 и 13) и на улицата Димитрија Чуповски (зградите со број 4, 6, 10, 20 и 22). Портпаролот на Град Скопје, Неделчо Крстевски пред неколку дена во изјава за весникот „Дневник“ веќе најави дека ќе се менува надворешниот изглед на неколку објекти на улица „Македонија“, но притоа не беа споменати и други градби од централното градско подрачје.

 

Во објавениот конкурс од градските власти не е наведено во кој архитектонски правец треба да бидат изработени идејните решенија за надворешниот изглед на објектите. Како критериуми што ќе се применуваат при изборот на најдобар проект се: инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението, изводливост и одржливост, целосно почитување на програмските барања и задоволување на сите прописи и нормативни акти за проектирање и реконструкција на фасади. Планирано е да се додели прва награда за секој победнички проект во износ од 700.000 денари, а вкупниот фонд на награди за сите 17 фасади изнесува 11.900.000 денари.  Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 4 јуни, по што ќе следува процесот на селекција.

 

Во меѓувреме, одговорните од Град Скопје излегоа со соопштение за реконструкција на фасадата на објектот на улица 11 октомври број 2, кој претставува продолжение на зградата од ресторанот „Пелистер“ кон плоштадот „Пела“. Станбената зграда висока 5 ката и долга 72 метри ќе добие класицистички изглед за да биде во хармонија со проектот „Скопје 2014“, а при реконструкцијата ќе се употребат природни, автентични материјали – травертин и травертинско терацо во комбинација со завршни декоративни префабрикувани елементи. По завршувањето на санацијата предвидено е да се изведе и илуминација на објектот.

 

Зградата на улица 11 октомври бр.2Победничкото идејно решение на „Жагра-ком“

 

 

Побечничкиот проект за менување на надворешниот изглед на овој објект е на авторите од „Жагра-ком“ ДООЕЛ Скопје, додека како изведувач на градежните активности се јавува компанијата „Бауер БГ“. Реконструкцијата само на оваа фасада од централното градско подрачје ќе чини 28,8 милиони денари, односно околу 470 илјади евра, а крајниот рок за завршување на градежните работи изнесува осум месеци од нивното отпочнување.