Претходна статија
Со државни субвенции ќе се градат фотоволтаици со моќност од 62 мегавати
Следна статија
Потпишан договорот за изградба на втората фаза од проектот за наводнување на јужната долина на Вардар

Тројно зголемен бројот на станови што добиле градежна дозвола во јануари

Објавено на 11.03.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Ако се суди според почетокот на годината, за инвеститорите во нови станови ќе биде бериќетна 2019 – тата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во јануари 2019 година издале одобренија за градење на 810 нови станови, со вкупна корисна површина од 60.233 метри квадратни. Од нив, дури 653 станови е предвидено да ги градат деловни субјекти, додека во преостанатите домови ќе инвестираат физички лица.

 

Статистичките податоци покажуваат дека за повеќе од тројно е зголемен бројот на предвидени станови за градење во јануари 2019 година во споредба со идентичниот период лани. Притоа, најголем интерес има за изградба на двособни (321) и трисобни станови (259). Како и досега, инвеститорите во овој вид недвижности се насочени првенствено кон градење во Скопскиот регион, чии локални самоуправи само во првиот месец од годинава ја одобриле изградбата на 646 нови станови со површина од 43.473 метри квадратни. Меѓу нив, на прво место е скопската општина Аеродром, која издала одобренија за градење на 335 нови станови.

 

Статистичките податоци покажуваат дека во јануари 2019 година се издадени 307 одобренија за градење, што е за 62,4% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 4.055.602 илјади денари, што е за 68,1% повеќе во однос на идентичниот период од 2018 година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 157 (51,1%) се наменети за објекти од високоградба, 59 (19,2%) за објекти од нискоградба и 91 (29,7%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 307 објекти, на 175 (57%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 132 (43%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk