Во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура, со поддршка од Министерството за култура целосно е реализиран проектот за конзервација и реставрација на три фасади на објекти на улицата „7 Ноември“ во Охрид, лоцирани во близина на стариот Чинар. „Поради стилските карактеристики и местоположбата на објектите, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид извршија конзервација и реставрација на фасадите, со што е зачувана автентичноста на овие зданија кои се значаен дел од архитектонското културно наследство на Охрид“, се наведува во денешното соопштение на Министерството за култура. Овие охридски куќи се изградени во 1912 година од непознати мајсторски тајфи, по урнек на градската гимназија која се градела во истиот период.
Во рамките на веќе започнатиот проект на Министерството за култура, од 2012 година до денес се реставрирани и санирани 16 фасади на објекти, и тоа 15 посебни зданија во Крушево, Скопје, Битола, Охрид, Кичево, Гевгелија, Гостивар и Прилеп и еден комплекс од пет дуќани во Кратово.