Денеска беше свечено отворен новиот трговски центар „РЕМ“, дел од истоимениот повеќенаменски комплекс во Тетово [»мапа]. На површина од 12.000 метри квадратни, меѓудругите ќе бидат присутни супермаркетот „Carrefour“, италијанскиот моден ланец „Gruppo Fiori“ и продавницата за канцелариска опрема „Office Plus“, а се најавуваат околу 250 вработувања. Инвеститорите очекуваат голема посетеност на новиот трговски центар, кој е лоциран на само 700 метри од центарот на Тетово.
* извор: Влада на РМ
Комплексот „РЕМ Центар“ ќе се простира на вкупно 60.000 метри квадратни изградена површина и ќе има и хотел со пет ѕвезди на 12 ката, со панорамски ресторан на последниот кат од хотелот, 146 станови и 400 паркинг места за станарите и посетителите. Вкупната инвестиција во целиот комплекс изнесува 40 милиони евра, а инвеститори се компаниите „Ренова“ од Џепчиште и „Електрометал“ од Тетово. Сопствениците на „Ренова“, семејството Идризи, најавуваат дека за кратко време во употреба ќе бидат пуштени и хотелот и станбените единици. На денешната свеченост присуствуваа и вицепремиерот Владимир Пешевски, министри од Владата и лидерот на политичката партија ДУИ Али Ахмети.
* извор: Влада на РМ
Пред нецели два месеци, во Тетово беше отворен уште еден голем трговски центар – „Палма Мол“, лоциран на влезот на градот од страната на Скопје. „Палма Мол“ се простира на бруто изградена површина од 32.000 метри квадратни и има вкупно 90 локали.