Претходна статија
Нови 7 километри велосипедски патеки во Скопје
Следна статија
Театрите од внатрешноста догодина ќе стигнат на ред за реконструкција

Трета среќа за изградба на висококатници кај „Холидеј Ин“

Објавено на 26.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По два неуспешни обида во изминатива деценија, двата нови сопственици на земјиштето – „Обновители“ и „М.Г. Фешн“ од Скопје ќе се обидат да изградат висококатници на постојниот паркинг спроти хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје. Министерството за транспорт и врски на 25 октомври годинава потпишало непосредна спогодба согласно членот 68 од Законот за градежно земјиште, со која му овозможило на идниот инвеститор на објектите да го откупи градежното земјиште во сопственост на државата. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека Законот за градежно земјиште дава можност на секој што има над 30% од сопственоста на една парцела да изврши докупување на преостанатиот дел од земјиштето.

 

*Постојниот ДУП предвидува изградба на 60 – катници спроти хотелот „Холидеј Ин“

 

Министерот Сугарески денеска потенцираше дека земјиштето е отуѓено по цена од 19.200 денари за метар квадратен, односно во државниот буџет се слеале над 173 милиони денари од новиот сопственик на земјиштето. Целата парцела се простира на површина од 13.653 метри квадратни, која на инвеститорот ќе му овозможи да гради објекти со намени за колективно живеење, деловен и комерцијален простор. Актуелниот ДУП „Голем ринг – Исток“ му дозволува на инвеститорот да гради 60 – катници. Сепак, од општина Центар веќе укажаа дека овој ДУП е ставен под мораториум, што подразбира дека ќе се изврши евалуација на урбанистичкиот план, по што би следувале измени и намалување на катноста на зацртаните објекти.

 

Изградбата на нови облакодери кај хотелот „Холидеј Ин“ се раскажува пред македонската јавност веќе една деценија наназад. Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ на оваа локација планираше да гради 100 – катници. Во подоцнежната етапа, проектантот на ДУП-от во 2012 година ги намали апетитите на власта, така што предвиде на локацијата да се градат 60 – катници. Во септември 2015 година повторно се лансираше идејата за изградба на седум облакодери со висина од 20 до 40 ката, но турскиот инвеститор не ја реализираше ваква идеја.