Претходна статија
„Урбан Стил Инженеринг“ ќе работи на основниот проект за Старата учителска школа во Скопје
Следна статија
„Ескаватори-МК“ ќе го обновува патот Скопје - Македонски Брод низ „Јасен“

Тендерот за електрични автобуси на повидок, стручно образложение нема

Објавено на 19.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И по неколку месеци од обелоденувањето на информацијата дека скопскиот трамвај е отфрлен како идеја, нема стручна расправа за причините поради кои Градот Скопје се откажа од воведувањето на ова превозно средство. Наместо експертско согледување на деталите од сообраќајните инженери, ЈСП-Скопје веќе активно работи на купувањето на 50 електрични автобуси. До крајот на декември течеше повикот за доставување барања од компаниите за пројавување на интерес за учество на меѓународниот тендер за набавка на овие превозни средства. На почетокот од оваа година треба да се објави и меѓународниот тендер, чија проценета вредност е предвидено да се движи помеѓу 20 и 25 милиони евра.

 


* Булеварите нема да се прекопуваат, но на автобуските постојки ќе се инсталираат полначи за електричните автобуси

 

Од ЈСП-Скопје до денеска не доставија одговор до „Билд“ за набавката на новите автобуси на електричен погон. За разлика од целокупната документација што беше изработена за воведување на трамвајот, останува нејасно дали за најновиот проект е изработена физибилити студија, сообраќајна студија или студија за оценка на влијанието на проектот врз животната средина. Како последица на недостапната документација на јавноста, останува неодговорено прашањето дали електричните автобуси би можеле да обезбедат побрз и посигурен транспорт од трамвајот, кој истовремено би бил и економски поисплатлив.

 

Градските власти се уверени дека го имаат вистинското решение за унапредување на јавниот превоз во Скопје. Со воведувањето на електричните автобуси ќе се избегнела инвестицијата во трамвајската инфраструктура, која чини и неколку пати поскапо од замислените автобуси. „Од инфраструктурни зафати ќе нема никаква потреба од адаптација на коловозите, затоа што планираните автобуси се со мотор на електричен погон“ велат од Град Скопје. ЈСП-Скопје планира да набави 20 зглобни автобуси со капацитет од минимум 150 патници, 30 електрични минибуси и полначи за електрична енергија. Полнењето на автобусите ќе се врши на самите автобуски постојки.

 

И покрај тоа што се претставени како поевтина варијанта од трамвајот, електричните автобуси за ЈСП-Скопје ќе чинат неколку пати поскапо од обичните автобуси кои беа набавени пред неколку години. Еден зглобен автобус на електричен погон е предвидено да чини од 600 до 650.000 евра, додека минибусите би се купиле по цена од 300 до 350.000 евра. Овие превозни средства би се вовеле по трасата на која беше предвидено да се движи скопскиот трамвај, на потегот меѓу населбите Ѓорче Петров и Ново Лисиче.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk