Управата за заштита на културното наследство денеска објави оглас за избор на компанија што ќе ја изведува конзервацијата, реставрацијата и реконструкцијата на Музејот на праисторискиот период на Скопската тврдина. Покрај ова здание, на Kалето е планирано да се изградат и уште два музеја – Музејот на средновековниот период и Музејот на отоманскиот период. Сите откриени артефакти од различните историски периоди ќе бидат изложени во новоизградените објекти, а во нивни рамки ќе има и продавници за сувенири, едукативни центри и простор за работилници. Музејот на праисторискиот период ќе се гради врз археолошките темели на дарданско – пајонската куќа.
Заинтересираните за учество на огласот имаат рок до 7 мај да ги поднесат своите понуди, за кога е закажано и јавното отворање на понудите. Изведувачот на работите на музејската зграда ќе се избира врз основа на понудената цена (60 бода), квалитетот на изведбата (35 бода) и рокот на реализација (5 бода). Реконструкцијата на овој објект треба да одвива во текот на наредните неколку месеци, а свеченото отворање на Kалето заедно со трите предвидени музеи се очекува да се одржи во 2014 година.