Претходна статија
Камен темелник за средно училиште во Сарај
Следна статија
1,8 милиони евра за реконструкција на патот Тетово - Јажинце

ТЕМА: Ужасот и срамот се „сопственици“ на железничките станици во Македонија

Објавено на 14.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Повеќе од три децении во Македонија не е изградена ниту една нова железничка станица. Транспортниот центар во Скопје е најново отворениот објект на 27 јули 1981 година. До вакви резултати може да се дојде ако се направи истражување на историјатот на овој вид инфраструктура во земјава. Наместо објекти со билетара и простор за чекање на патниците, во Македонија многу често помалите железнички станици се составени единствено од рушевини и купиште градежен смет. Некои од поголемите станици, како што се Велес и Битола, изградени се во периодот на отворањето на пругите кон крајот на XIX век. Темелна реконструкција на постоечките зданија воопшто не е направена, а некогашните трафики и бифеа во рамките на постоечките објекти се затворени поради малиот број патници. Разглас и телевизори за најава на возовите, интернет врска и оддел за информирање на патниците постои единствено во рамките на железничката станица во Скопје.

 

 

* Помала железничка станица во еден од градовите во Романија

 

 

Како изгледа една просечна железничка станица во Македонија? Доколку станува збор за некој од поголемите градови, тогаш билет може да се купи единствено на благајните, кои најчесто работат со ограничено работно време. Автомати за издавање билети не постојат во ниту еден објект. Во просторот наменет за патници, нема елементарни услови за чекање на возовите. Ако постои систем за греење, тогаш тој не работи. Ниту една станица во земјава го нема решено проблемот со климатизација. Санитарни јазли во објектите не постојат, или доколку ги има, тие се наоѓаат во незавидна состојба. Бидејќи не е воведен никаков систем за најава на возовите, станиците се неупотребливи и патниците се приморани да ги чекаат возовите надвор од објектот.

 

 

* Битола

 

* Браилово

 

* Даме Груев

 

 

Некои од железничките станици во Македонија се наоѓаат во исклучително лоша состојба. Особено е загрижувачка состојбата на овие објекти во Велес, Кичево, Скопје, Тетово и во неколку други градови. Во овие места тие можат да се препознаат по излупените фасади, искршени прозорци, паднати плафони и нагрдени ѕидови од графити. За разлика од нив, стојалиштата и железничките станици во помалите градови и селските средини речиси и да не постојат. Најголем дел од нив се затворени за патниците, а некои се и целосно разрушени. Од некогашните станици во Радуша, Жеровјане, Лакавица и Длапкин дол на пругата кон Кичево денес се останати единствено бетонските столбови, а идентична е состојбата и на голем број од помалите објекти на пругите Велес – Кочани и Велес – Битола.

 

 

Објектите подигнати во периодот на завршување на пругите

 

За разлика од европските земји, во Македонија изградбата на нови железнички станици или темелната реконструкција на постоечките се вршела единствено за време на реализацијата на градителските проекти во железницата. Покрај главната станица во Скопје, во периодот по Втората светска војна се изградени станиците во Зелениково, Кичево, Гостивар, Скопје – Север, како и дел од нив на потегот помеѓу Скопје и Куманово. Со изведбата на пругата од Солун до Скопје во 1873 година, подигнати се голем дел од постоечките станици на потегот од главниот град до Гевгелија. Сите железнички објекти од Велес до Штип се изградени заедно со завршувањето на пругата во 1926 година, идентично како и станиците кои се наоѓаат помеѓу Велес и Битола, завршени до 1936 година.

 

 

* Гостиражни

 

* Лакавица

 

* Радуша

 

 

Некои од зданијата, како што се оние во Штип и Кочани, претставуваат извонредни архитектонски дела и се вистински споменици на културата кои се распаѓаат поради негрижа на надлежните власти. Дел од овие репрезентативни објекти, заедно со железничката опрема што ја поседуваат, можат да бидат примамливи музеи во однос на тоа како железницата функционирала низ историјата.  Македонски железници – Инфраструктура нема сопствени финансиски средства за да ги реконструира станиците, а ниту една општина во земјава досега не изрази интерес да учествува во нивна санација, со пари од локалните буџети. Пред неколку години, дел од овие објекти беа предадени на железничарите, кои во голема мера придонеа да не дојде до нивно целосно уништување.

 

 

Развиените градови се натпреваруваат со проекти за нови станици

 

И додека во Македонија времето застанало во 60 – тите години на XX век, поголемите европски градови се натпреваруваат во изборот на познати архитекти за изработка на проекти за нови железнички станици и во нивната иновативна изведба. Во моментов е актуелна изградбата на главната железничка станица во Виена, која треба да биде пуштена во употреба на крајот од 2015 година. Од соседните земји, Србија годинава треба да ја продолжи изградбата на белградската главна станица „Прокоп“, додека во Софија ќе се реконструира и надгради постоечката централна железничка станица. Во околните балкански земји помалите станици се реконструираат со финансиски средства на самите државни железнички компании, но и со помош од општините.

 

 

* Градежни работи на новата главна железничка станица во Виена

 

 

Започнува реконструкцијата на железничките станици во земјава

 

Тендерот за реконструкција на скопската железничка станица е објавен, а прибирањето на понудите од градежните компании ќе трае до 3 септември. На почетокот од наредната година треба да стартува реконструкцијата на зданијата на кои поаѓаат и пристигнуваат македонските возови. Приоритет ќе биде даден на железничката станица во Скопје, која со финансиски средства во износ од 2,5 милиони евра треба да биде завршена до 2015 година. Изготвени се и проектите за останатите 10 железнички станици низ Македонија, кои во текот на јули ќе се достават до Европската комисија. Со проектот е планирано да се санираат железничките станици во Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино.

 

 

Бојан Блажевски