Претходна статија
„Бошков мост“ и „Луково Поле“ повторно во фокусот на европските еколози
Следна статија
Градските власти решени да го променат ликот на објектите во центарот на Скопје

ТЕМА: Уште една изгубена година за железничкиот Коридор 8, планираните рокови се пробиваат

Објавено на 29.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дел од пругата Куманово - Бељаковце која беше реконструирана во 90-тите (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)И во текот на 2012 година нема да започне изградбата на пругата кон Бугарија. Ветувањата на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески од декември 2011 година повторно ќе ги пробијат зацртаните рокови. „Согласно програмата на владата очекувам кон крајот на 2012 година да започне рехабилитацијата на пругата од Куманово до Бељаковце, од 2013 ќе започне изградбата до Бугарија. Тоа е согласно динамичниот план и согласно преговорите со Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој“, напомена тогаш министерот Јанакиески. По половина година, тој неодамна излезе со нова прес – конференција, на која изјави дека во февруари или во март 2013 година би требало да започне рехабилитацијата на некогаш функционалната делница од Куманово до Бељаковце. Притоа, неговите информации се во спротивност со изнесените мислења во изработената физибилити – студија за пругата од Куманово до Деве Баир.

 

Недовршени мостови на пругата кон Бугарија (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)Она што со сигурност се знае е дека допрва ќе се изготвуваат основните проекти и тендерот за избор на компанија која ќе го реализира зафатот, процес кој би требало да трае една година. Дури кон крајот на април годинава, МЖ – Инфраструктура потпиша договор со австриската компанија „ИЛФ“ (ILF Consulting Engineers) за изработка на детален проект и тендерска документација за избор на изведувач на работите за реконструкција на пругата до Бељаковце, во должина од 30,5 километри. Документацијата треба да биде комплетирана најдоцна до април 2013 година, што укажува на фактот дека во претстојните месеци од 2012 година нема да започнат градежните работи за санација на постоечката и изградба на планираната пруга кон Бугарија.

 

Во меѓувреме, последните владини информации говорат дека се обезбедени финансиски средства за рехабилитација на делницата Куманово – Бељаковце. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) го одобрила заемот од 46,4 милиони евра за овој проект. По собраниската процедура за одобрување на кредитното задолжување на земјава, во септември би се распишал тендер за избор на компанија што ќе ги изведува градежните работи, кои би стартувале во првиот квартал од 2013 година.

 

Недовршени тунели на пругата кон Бугарија (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)Техничката документација за Коридорот 8 од Куманово до бугарската граница веќе е изработена од страна на консултантската куќа „Ептиса“. Во физибилити – студијата се напоменува дека проектот ќе се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се изврши реконструкција на железничката инфраструктура до селото Бељаковце, во периодот од 2013 до средината на 2015 година. Консултантите пресметале дека за оваа делница ќе треба да се издвојат 45,37 милиони евра. Во периодот по 2015 година до Бељаковце е планирано да се одвива исклучиво железнички патнички сообраќај со дизел моторни возови по неелектрифицирана пруга кои ќе поаѓаат од Скопје, а најголема поволност од реконструкцијата ќе почуствуваат жителите на Куманово кои ќе добијат нова железничка станица во самиот град. Наспроти оваа зацртана рамка, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во својата последна изјава го продолжи крајниот рок за изведба на делницата Куманово – Бељаковце за уште две години, најавувајќи дека истата би требало да заврши најдоцна до 2017 година.

 

Планираната траса со трите делници (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)Во изработената студија од „Ептиса“ се напоменува дека товарниот железнички сообраќај ќе започне да функционира дури по целосната изградба на пругата и нејзиното пуштање во употреба на почетокот од 2019 година. Изградбата на двете делници од Бељаковце до Деве Баир, во должина од 57,5 километри ќе треба да започне во 2014 година и да се комплетира до крајот на 2018 година. Финансиските средства потребни за целосно завршување на ветуваниот проект достигнуваат огромна сума во износ од преку 590 милиони евра. Консултантите напоменуваат дека дури 357 милиони евра ќе треба да се издвојат само за изградба на 23,4 километри железничка пруга од третата делница со која земјава ќе треба да се поврзе со Ѓуешево.

 

Спротивно на физибилити студијата, министерот на последната прес – конференција најави дека изведбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка би започнала најдоцна до 2015 година, а би завршила до 2020 година. Најтешката делница од Крива Паланка до бугарската граница треба да започне да се гради во 2017 година и да заврши во рок од пет години. Според него, до земјава е испратено писмо од Европската инвестициска банка во кое се вели дека ќе влезат во реализација на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, за која тој тврди дека се потребни 145 милиони евра за градежните работи.

 

Во изготвената физибилити студија се нагласува дека од почетокот на 2019 година ќе се воспостави товарен сообраќај, при што главен акцент е ставен на превозот на стоки до и од бугарското пристаниште Бургас, но и на искористувањето на зголемената економска размена со Турција, како и на транзитот на стоки кон Косово и Албанија. Кај превозот на патници е предвидено воведување на 6 до 7 патнички и експресни возови помеѓу Скопје и Крива Паланка, како и од 4 до 6 меѓународни патнички и експресни возови со кои ќе се поврзат главните градови на Македонија и Бугарија. Сепак, освен промашувањата и досегашните неуспеси од македонската страна, голем проблем во реализацијата на железничкиот Коридор 8 е и незаинтересираноста на Бугарија за овој проект. Според стратегијата на бугарските власти, пругата од Ѓуешево до Радомир ќе се модернизира и електрифицира дури до 2024 година.

 

Слично на источната, и на западната делница од Коридорот 8 нема да се одвиваат никакви активности на терен во претстојните месеци од оваа година. Директорот на МЖ – Инфраструктура Ирфан Асани неодамна напомена дека во текот на 2012 година ќе се објави тендер за избор на консултант за изработка на Основен и изведбен проект за изградба на железничката линија од Кичево до границата со Албанија, додека градежните работи на делниците од западниот сегмент на Коридорот 8 треба да започнат во 2015 година. Во однос на истото прашање, министерот Јанакиески изјави дека главниот проект треба да се изработува минимум две години, а за него веќе е поднесено барање за финансиски средства до оперативните програми во износ од 5 милиони евра. Финансиски средства за железничкото поврзување со Албанија треба допрва да се обезбедат, а овие последни најави од надлежните институции се во целосна спротивност со владините ветувања од пред неколку години, според кои изградбата на пругата кон Албанија веќе требаше да биде започната во текот на оваа година.

 

 

Бојан Блажевски