Претходна статија
„Порта Македонија“ свечено претставена на јавноста
Следна статија
Пристигнаа сите нови минибуси за ЈСП, наскоро пристига и втората пратка двокатни автобуси

ТЕМА: Треба ли да се менува проектот „Скопје изнајми велосипед“?

Објавено на 09.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Приходите од изнајмување се намалуваат, бројот на искршени и украдени велосипеди расте, системот за наплатување е проблематичен, a нови вложувања сеуште нема. Му треба ли реобмислување на проектот „Скопје изнајми велосипед“ пред отпочнувањето на новата сезона на 1 април 2012 година? Моменталната состојба во која се наоѓа јавниот велосипедски систем во главниот град е проблематична за граѓаните, Ј.П. „Градски паркинг“ и упатените во оваа област.

 

 

 

Во неодамнешното соопштение за остварените проекти во текот на минатата година, Ј.П. „Градски паркинг“ напоменува дека треба да се вложат повеќе финансиски средства за проектот. „Потребно е да се смени процедурата за изнајмување велосипед, односно да постои депозит при изнајмувањето кој би важел од земањето до враќањето на велосипедот“, се истакнува во соопштението од јавното претпријатие. Интернет – порталот „Билд“ во изминатиот период во неколку наврати се обиде да добие одговори од надлежните за односи со јавност во ова претпријатие, но нашите напори досега не вродија со плод.

 

Информациите што се достапни на медиумите говорат дека проектот „Скопје изнајми велосипед“ втора година по ред создава загуби со тенденција на намалување на приходите и зголемување на расходите. Во периодот од 1 април до 1 ноември 2011 година е остварен прилив од 84.258 денари, а расходната страна изнесува 189.248 денари. За споредба, во првата сезона од започнувањето на проектот се прибрани 120.000 денари од изнајмувањата на велосипеди, а притоа расходите изнесуваа 150.000 денари. Ако се земе во предвид фактот дека проектот започна кон крајот на јули 2010 година, тогаш споредбените пресметки покажуваат значително намалување на приходите од рентање, но и на интересот на граѓаните за проектот.

 

Од невладината организација „Проактива“, која учествуваше во изработката на проектот, истакнуваат дека е потребно да поминат неколку години за подетално да се анализираат придобивките од истиот. „За изнајмувањето на велосипеди во Скопје може да се каже дека е во почетна фаза. Веројатно после 5 години од започнувањето на реализацијата на овој проект ќе може да се увидат подобро сите позитивни и негативни страни“, истакнува Владимир Карчицки од „Проактива“. Според него, постојат можности за натамошно подобрување на сегашниот систем. „Прво што би заменил е начинот на изнајмување, односно би вовел електронска наплата преку картички. Тоа многу би ја поедноставила процедурата за преземање на велосипедот и оставање на истиот“, вели Карчицки.

 

Искуствата од европските градови покажуваат дека е потребно натамошно усовршување на проектот „Скопје изнајми велосипед“. Автоматските паркиралишта, електронскиот систем на наплата преку смарт – картички, поставување на пунктови за изнајмување на секои 500 метри и вклучување на останатите сегменти од јавниот превоз, како што се градското сообраќајно претпријатие и железницата, претставуваат само дел од идеите што можат да се воведат за велосипедот во Скопје конечно да постане алтернативен јавен превоз кој ќе го намали сообраќајниот метеж, но и ќе им обезбеди ефикасен и евтин транспорт на граѓаните.

 

 

Бојан Блажевски