Нови авио дестинации, влез на повеќе авиокомпании, раст на бројот на патници и поатрактивни понуди за патување. Ова се четирите главни карактеристики што го одбележаа воздухопловниот превоз на Балканот во текот на 2016 година. Земјите од регионот забрзано го унапредуваат авиосообраќајот, при што македонските аеродроми се наоѓаат на средина во однос на растот на бројот на патници. Најголемо изненадување во текот на минатата година се бугарските аеродроми, кои остварија фантастичен биланс. Намалување на бројката на корисници на воздухопловниот транспорт е забележана единствено во Словенија.
Аеродромот „Никола Тесла“ во Белград; Фото: Бојан Блажевски
Од скопскиот аеродром „Александар Велики“ лани биле превезени 1.649.374 патници, односно за 13,6% повеќе во споредба со 2015 година. Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ забележал уште посилно зголемување. Ова леталиште опслужило 145.002 патници, што е за 34,5% повеќе во однос на 2015 година. Како и во однос на минатите години, најсериозна конкуренција за овие два аеродрома е приштинскиот аеродром „Адем Јашари“. Авиосообраќајот на единствениот косовски аеродром во 2016 година бележи раст од 12,6%, при што низ неговиот терминал минале вкупно 1.743.208 патници.
И покрај ваквите растечки бројки, најуспешни во регионот во текот на 2016 година биле бугарските аеродроми. Од леталиштето во Софија биле превезени речиси 5 милиони патници, што е за фантастични 21,8% повеќе во однос на 2015 година. Низ аеродромот во Бургас во 2016 година минале над 2,8 милиони патници, така што растот изнесува 22%. Третиот по големина бугарски аеродром во Варна бележи идентични резултати. Бројот на патници бил зголемен за 20,8%, односно неговите услуги ги искористиле речиси 1,7 милиони патници.
Значаен раст на авиосообраќајот во 2016 година е забележан во Црна Гора, Хрватска и во Грција. Солунскиот аеродром лани опслужил 6.044.129 патници, што е 13,2% повеќе во однос на 2015 година. Аеродромот во грчкиот главен град ја премина магичната бројка од 20 милиони патници и обезбеди процентуално зголемување од 10,7%. Аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана во 2016 година ја надмина бројката од 2 милиони превезени патници, со што и во 2016 година го продолжи стабилниот раст. Аеродромот „Хенри Коанда“ во Букурешт ја надмина бројката од 10 милиони патници и си обезбеди стабилен раст од 8,6%. Исклучително позитивни резултати во авиосообраќајот во текот на изминативе 12 месеци остварија и аеродромите во Дубровник (+17,7%), Сплит (+17,1%) и Загреб (+6,9%).
Единствена земја во која се бележат негативни резултати во авиосообраќајот е Словенија. Низ љубљанскиот аеродром во 2016 година минале 1.404.831 патник, што е за 2,3% помалку во однос на идентичниот период од претходната година. Намалување на бројката на патници од 64,3% е забележана кај аеродромот во Марибор. Минимален пад на бројот на патници од 2% е регистриран и кај истанбулскиот аеродром „Ататурк“, што првенствено е резултат на терористичкиот напад од јуни 2016 година и на неуспешниот обид за државен удар што се случи на 15 јули.
Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул; Фото: Бојан Блажевски
Острата конкуренција меѓу аеродромите во регионот се очекува да продолжи и во 2017 година. Авиокомпаниите засега немаат позабележителни најави за отворање на нови дестинации од македонските аеродроми. „Визер“ на почетокот од април ќе почне да сообраќа на релацијата Скопје-Будимпешта-Скопје, додека „Катар ервејс“ се очекува годинава да почне да лета од Скопје до Доха.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk