Претходна статија
Комплетиран магистралниот пат Радовиш - Струмица
Следна статија
Се подготвува теренот за изградба на Офицерскиот дом и хотелот на Плоштад Македонија

ТЕМА: На македонските аеродроми им е неопходен посилен пораст на авиосообраќајот

Објавено на 27.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Скопскиот аеродром „Александар Велики“Скопскиот аеродром „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“ во иднина треба да се насочат кон нови дестинации, привлекување на дополнителни авиокомпании, но и кон освојување на нови патници од соседните земји или пак туристите кои патуваат кон нив. Државата и стопанството можат да помогнат преку поттикнување на локалните и странските инвестиции, особено во сферата на туризмот. Статистичките податоци за леталиштата во Македонија и во соседните балкански држави покажуваат континуиран пораст на авиосообраќајот, но се чини дека добрата стратегија на одредени управи од регионот вродува со плод во насока на огромно зголемување на бројот на авиолинии и на патници. Мостарскиот аеродром со регистрирани 78.055 патници и зголемување од 112% во споредба со 2011 година е последниот од низата примери за искористување на добрата географска позиционираност на леталиштето. Укинувањето на аеродромските такси од страна на босанската влада, оддалеченоста на Јадранското море на помалку од 70 километри, како и близината на приморските центри Дубровник и Сплит му овозможуваат натамошен развој на аеродромот во Мостар.

 

Министерството за транспорт и врски неодамна ги публикуваше статистичките податоци за македонските аеродроми во 2012 година, според кои бројот на превезени патници изнесувал 906.871 или за 8,7 отсто повеќе во споредба со претходната година. Од скопскиот „Александар Велики“ се регистрирани 828.831 патници и е забележан раст од 9,1% во однос на 2011 година, додека низ портите на охридскиот аеродром минале 78.040 патници што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Од турски ТАВ сметаат дека зголемувањето на бројот на патници би било позначително доколку не се укинеа дел од воспоставените релации од странските авиокомпании. „Со оглед на фактот што светската економска криза се уште претставува сериозен ризик за развојот на бизнисот на глобално ниво, сведоци сме на опаѓање на бројот на патници во многу земји од Европската унија“, истакнуваат од компанијата. Оттаму наведуваат дека се задоволни од минатогодишните резултати и дека е постигнат исклучително добар успех во 2012 година. Според податоците на турски ТАВ, бројот на комерцијални летови од двата аеродроми изнесувал 11.285 што претставува намалување од 5% во однос на 2011 година.

 

Од почетокот на управувањето на ТАВ со македонските аеродроми е постигнат просечен годишен раст од 12,6% во бројот на патници, што претставува исклучително добар резултат ако се спореди со европскиот просек, кој изнесува околу 3%. Операторот на двата аеродрома има позитивни очекувања за претстојната година. „Силно сме мотивирани да направиме вистински напори за надминување на прагот од 1 милион патници. По воведувањето на шесте нови линии од страна на „Wizz Air“ и поврзувањето со Дубаи со „flydubai“ на почетокот на зимската сезона за 2012 година, очекуваме позитивни резултати во овој поглед за 2013 година“, истакнуваат од компанијата.

 

Позитивни резултати во изминатите 12 месеци бележат и најголемиот дел од балканските аеродроми. Македонија се наоѓа на горниот дел од листата на леталишта во однос на порастот на патници, но затоа пак вкупната бројка на превезени лица се уште е ниска во споредба со публикуваните податоци за соседните аеродроми. Речиси без исклучок, извештаите покажуваат дека главните леталишта на балканските метрополи бележат благо зголемување или пак пад на бројот на патници, додека главниот стожер на развојот на авиосообраќајот го држат оние од помалите градови и од туристичките центри. Покрај успехот на Мостар, забележителни резултати постигнаа и аеродромите во Дубровник, Сплит, Пловдив, Варна и Бургас со зголемен број на патници од 3,4 до 9 проценти во споредба со 2012 година. Низ портите на бургаскиот аеродром во изминатата година минаа 2.380.536 патници, додека само на дубровничкиот аеродром се регистрирани 1.480.470 патници.

 

Број на патници на аеродромите во поранешна Југославија (извор на податоците: exyuaviation.blogspot.comПокрај позитивниот исход на „Александар Велики“, во 2012 година најсилен развој на авиосообраќајот помеѓу главните градови на Балканот доживеа белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Во објавената статистика на неговата интернет – страница е наведено дека се превезени 3.363.919 патници или за 7,7% повеќе во споредба со 2011 година. Најголем раст во бројот на патници е забележан во периодот од јануари до јуни, при што во јануари 2012 година е констатирано рекордно зголемување на патниците од 20%. Истовремено, во извештајот се нагласува дека е задржан речиси идентичен број на полетувања и слетувања на авиокомпаниите. Аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина следува веднаш по скопскиот и белградскиот аеродром во делот на порастот на патници, при што косовските власти пресметале 1.527.134 патници или за 7,4% повеќе во однос на претходната година. Нов силен развој на ова леталиште, оддалечено на околу 80 километри од Скопје, се очекува со скорешното завршување на новиот терминал со површина од 45.000 метри квадратни.

 

Благ раст во минатата година бележи и аеродромот во Загреб, каде што се регистрирани 2.342.309 патници што претставува зголемување од 1% во споредба со 2011 година. Наспроти ваквите позитивни резултати, кај дел од главните балкански аеродроми е констатирано забавување на развојот на воздухопловниот транспорт. Рекордер на негативната листа е љубљанскиот „Јоже Пучник“, низ чии порти заминале и пристигнале 1.198.000 патници или за 12,5% помалку во однос на 2011 година. На аеродромот во Сараево се регистрирани 580.058 патници што претставува пад од 3,3% во споредба со претходната година. Намалување од 0,1% е забележано кај софискиот аеродром, кој во минатата година бил ползуван за патување од 3.467.455 патници. Статистички податоци се уште не се објавени за аеродромите во Солун и Тирана, а од романските аеродроми единствено се публикувани резултати за Таргу Муреш, од кој се регистрирани 300.427 патници или за 16,7% повеќе во однос на 2011 година. Проценките се дека од двата аеродроми лоцирани во престолнината Букурешт во минатата година се превезени околу 7,5 милиони патници.

 

Статистичките податоци за македонските аеродроми покажуваат дека во претстојниот период треба да се работи многу повеќе на зголемување на воздухопловниот превоз. Има многу успешни приказни за силен напредок на авиосообраќајот во нашето соседство од кои можеме да научиме. Мостарскиот аеродром од 17.833 патници во 2010 година успеа да го интензивира сообраќајот и да ја заврши минатата година со 78.055 патници, а силни позитивни резултати можат да се забележат и во работењето на аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана и на оној во романскиот град Таргу Муреш во објавените годишни извештаи од изминативе неколку години.

 

 

Бојан Блажевски