Двата македонски аеродрома ја завршија минатата година со превезени 2.027.344 патници. Растот од 13% во однос на 2016 година е доказ за континуитет во унапредувањето на воздухопловниот превоз во земјава. Скопскиот аеродром „Александар Велики“ не успеа да ја достигне магичната бројка од 2 милиони патници во 2017 година, но ваквите статистички бројки се очекува да се поправат во наредните 12 месеци. И покрај постојаното зголемување на авиосообраќајот од македонските аеродроми, може да се каже дека некои балкански леталишта во 2017 година остварија многу посилен раст.
*Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул
Апсолутен рекордер на Балканот во 2017 година е софискиот аеродром. Низ ова леталиште во бугарскиот главен град лани минаа 6.489.738 патници, што е за фантастични 30,3% повеќе во споредба со 2016 година. Ваквиот статистички скок на аеродромот во Софија е убедливо најдобар и помеѓу аеродромите на главните европски градови. Веднаш по него следува аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана. Од ова леталиште во 2017 година минале над 2,5 милиони патници, што претставува раст од околу 20% во споредба со авиосообраќајот од 2016 година.
Кога станува збор за процентуален раст, одлични резултати во минатата година прикажаа и аеродромите во Хрватска и во Босна и Херцеговина. На сплитскиот аеродром се регистрирани 2.818.176 патници, односно за 23,1% повеќе во однос на 2016 година. На леталиштето во Дубровник се регистрирани 2.323.065 патници, што е за 16,5% повеќе во споредба со претходните 12 месеци. Загрепскиот аеродром лани ја достигна магичната бројка од 3 милиони превезени патници, кои му овозможија стабилен раст од 11,8%. Одличен исход е забележан и кај аеродромите во Сараево и Тузла, од кои лани патувале околу 1,5 милиони патници. Растот на ависообраќајот од Тузла изнесувал рекордни 72% во споредба со 2016 година.
Изминативе 12 месеци донесоа позитивни резултати и во работењето на останатите аеродроми од соседството. Приштинскиот аеродром „Адем Јашари“ регистрирал 1.887.402 превезени патници, што е за 8,3% повеќе во однос на 2016 година. Низ солунскиот аеродром „Македонија“ лани минале 6.395.523 патници, со што е остварен раст од 11,5%. Од белградскиот аеродром „Никола Тесла“ патувале 5.343.420 патници, со што е зголемен бројот на превезени патници за 8,5%.
Идентично како и во минатите години, аеродромите во Атина, Букурешт и Истанбул претставуваат главни дестинации за патниците што го посетуваат Балканскиот Полуостров. Аеродромот во Букурешт во 2017 година регистрирал раст од 16,9% во бројката на превезени патници, односно од ова леталиште биле превезени 12.840.000 патници. Веднаш по него е аеродромот во Атина, од кој се транспортирани 21.737.787 патници. Ваквите резултати означуваат раст на ависообраќајот од 8,6% во текот на 2017 година.
На самиот врв на Балканот остануваат аеродромите во Истанбул. На аеродромот „Ататурк“ се регистрирани 63.727.448 патници, со што е забележан раст од 5,5%. Од аеродромот „Сабиха Гокчен“ патувале 31.385.841 патник, односно за 6% повеќе во однос на 2016 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk