Претходна статија
Конечно ќе биде реконструирана Универзалната сала
Следна статија
Коридорот 8 мрдна од мртва точка

ТЕМА: Македонските аеродроми со највисок пораст на бројот на патници на Балканот

Објавено на 21.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Аеродром Александар ВеликиЗголемување на бројот на превезени патници и поголем процент на исполнетост на воздухопловите. Првите шест месеци од 2012 година донесоа извонредни резултати во авиосообраќајот на македонските аеродроми. Скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“ забележаа највисок процентуален пораст  на патници помеѓу сите балкански аеродроми кои досега ги објавија своите статистики. Во согласност со објавените официјални информации, од двата патнички аеродроми се превезени вкупно 400.188 патници во првата половина од 2012 година, што претставува пораст од 18,4% во споредба со идентичниот период лани. Напредок е забележан и кај воспоставените редовни линии до странските дестинации, каде зголемувањето изнесува 8%, односно реализирани се 3.766 авионски летови.

 

Актуелната економска криза го погоди и авиосообраќајот во дел од балканските држави. Најголемо разочарување се словенечките аеродроми, кои според информациите од Словенечкиот завод за статистика бележат намалување на превезените патници од дури 12,9% во изминатите два квартали од 2012 година. Воздушниот транспорт од љубљанскиот „Јоже Пучник“ е забетониран на околу 1,2 милиони патници. Земајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа „Адриа ервејз“, словенците единствена надеж гледаат во воведувањето на евтините авиолетови од страна на „Виз ер“ во текот на претстојната есен. Слично на северниот сосед, загребскиот аеродром регистрира намалување на патничкиот авиосообраќај за 2,3% во периодот јануари-јуни 2012 година во споредба со истиот период лани. Вкупниот број на транспортирани патници изнесува 1.038.479. Aéroports de Paris, новиот оператор на леталиштето во хрватскиот главен град, досега не успеа да ги реализира плановите за развој, иако се очекува работите да се променат по завршувањето на новиот терминал во претстојната година.

 

Софискиот аеродром бележи речиси идентична бројка на превезени патници, со констатиран минимален пораст од 0,7% во првите шест месеци од 2012 година. Тој успеал да прими 1.694.728 патници, но и да реализира 34.276 редовни летови, што претставува пораст од 2% во однос на истиот период од минатата година. Засега не се објавени конечните резултати за воздушниот сообраќај во Босна и Херцеговина, но ако се суди според бројките за транспортирани лица во текот на пролетните месеци од аеродромите во Сараево, Бања Лука, Мостар и Тузла, тогаш оваа година ќе биде неповолна за овој вид транспорт во земјата. Интернет – порталот „Билд“ ги побара податоците за изминатиов период од управата на сараевскиот аеродром, но од таму сеуште не беа подготвени за публикување на официјалните бројки.

 

Сепак, леталиштата во Скопје и Охрид не се единствените кои бележат зголемување на бројката на превезени патници. Приштинскиот аеродром ги продолжува извонредните резултати што ги оствари во текот на претходните неколку години. Во првата половина од 2012 година тој привлече 658.304 патници, што претставува пораст од 7% во однос на истиот период лани. Позитивни информации пристигнуваат и од Државниот завод за статистика на Црна Гора во однос на тамошните аеродроми, од каде се превезени 500.543 патници и е констатиран пораст од 8,7% во рамките на периодот јануари-јуни 2012 година.

 

Белградскиот аеродром „Никола Тесла“ одлично ја започна овогодинешната сезона, со транспортирани 1.481.982 патници и пресметан пораст од 11% во споредба со минатата година. Енигма останува исходот на соседните Тирана и Солун, за кои сеуште не се објавуваат конечните податоци. Одговор на нашите прашања не добивме од раководителите на секторите за комуникации од аеродромите „Мајка Тереза“ и „Македонија“. Кога станува збор за порастот на патници, најголема конкуренција би требало да очекуваме од леталиштето во Тирана кое остварува одлични резултати после надградбата и се приближува до бројката од 2 милиони патници.

 

И покрај стабилниот пораст на воздушниот сообраќај и добриот процент на исполнетост на авионите, за македонските аеродроми не треба да бидат изненадувачки ваквите пресметки на статистичарите. Овој вид транспорт досега беше релативно неразвиен во нашата земја, а вкупната сума на превезени патници на Скопје е неспоредливо помала со околните Приштина, Тирана, Софија, Солун и Белград, но и на Охрид со туристичките центри Дубровник, Сплит, Тиват, Варна и Бургас. Претстојното воведување на нови евтини летови од „Виз ер“ во претстојниот зимски ред на летање и на планираните владини субвенции за авиосообраќајот во наредните години би требало да го поправат постоечкото ниво на развој на македонските аеродроми. Психолошката бариера од 1.000.000 превезени патници во рамки на 12 месеци е првичната цел што треба да се реализира ако не во оваа, тогаш сигурно во наредната 2013 година.

 

 

Бојан Блажевски