Од Скопје може да се лета со авион кон голем број европски градови, а наскоро можеби и кон Дубаи и други подалечни дестинации, но за да се стигне до Тирана, Атина, Сараево, Софија или Букурешт треба да се преседне на барем еден аеродром и да се потроши повеќе од половина ден. Можеби од Скопје со автобус може да се патува до Италија, Шведска, Германија или Австрија, но затоа пак до Грција, Хрватска, Албанија, БиХ или Романија ќе треба да се променат барем две линии и да се изгуби повеќе од 24 часа за да пропатуваме до некоја дестинација кај нашите соседи. Балканскиот полуостров дефинитивно останува најлошо поврзаниот географски регион во Европа, со ужасни меѓусебни врски помеѓу метрополите, а воопшто не треба да се поставуваат прашања за конекциите помеѓу помалите градови.
*Од Скопскиот аеродром ќе се лета за Дубаи, но не и за повеќето балкански градови
Мизерни се транспортните врски кои ги има Скопје со останатите балкански главни градови и туристички центри. Со автобус, авион или воз побрзо ќе стигнете до било која дестинација во Европа отколку до Сплит, Сараево или Загреб, градови кон кои некогаш експресно се патуваше. Со авион од Скопје директно не може да се лета кон главните градови на сите соседни држави, со исклучок на Белград. Можеби Приштина е преблиска како место за постоење на авионски сообраќај, но затоа пак на мапата на поврзани градови на скопскиот аеродром „Александар Велики“ не постојат Атина, Софија, Тирана, Сараево и Букурешт. За туристичките центри на Балканот не треба да стане ниту збор. Единствено кон Сплит постои редовна авио линија која сообраќа еднаш неделно, но само во текот на летните месеци. Македонската влада презеде позитивна мерка за да се поттикне авиосообраќајот преку давање на субвенции од државниот буџет на авиокомпаниите, но за жал во рамките на оваа одлука изостанаа директните летови кон балканските градови.
Идентично како со авион, граѓаните мака мачат за да патуваат од Скопје до некој од градовите на Балканот со автобус. Електронскиот возен ред на главната автобуска станица прикажува поврзување на македонската метропола со дури 35 германски градови, 14 италијански градови, но и врски со Белгија, Шведска и Швајцарија кои се наоѓаат на огромно растојание од Македонија. Сепак, редовна линија кон Атина, Тирана, Подгорица или Букурешт нема да пронајдете во табелите на возниот ред. Од Скопје за Сараево со автобус може да се патува директно само два пати неделно, во среда и недела, а ако граѓанинот сака да патува некој друг ден од седмицата тогаш мора да се менува автобус во Ниш и да се чека неколку часови за да се фати превоз кон босанскиот главен град. Кон Загреб во моментов сообраќа еден автобус секојдневно од Скопје, но и во овој случај хрватската метропола е само попатна станица на македонските автобуси кои итаат кон Европа.
*Од автобуската станица во Скопје може да се стигне до 35 германски градови, но ниту до половина балкански метрополи
Главниот град на нашата земја има најлоши врски со воз. Некогаш најкористениот вид на транспорт од Скопје кон балканските градови денеска е ограничен на дневни врски само кон Белград и Приштина. Веќе втора година се укинати меѓународните возови кон Солун, а веќе неколку години не сообраќаат директните возови кон Загреб, Љубљана и Будимпешта. Укинати се и летните туристички возови кон црногорското крајбрежје (Бар) и некогаш познатиот „Диоклецијан експрес“ кон Сплит. Скопје од јуни до крајот на август е редовно поврзан со воз единствено со бугарското приморско место Бургас.
За жал, Македонија не е исклучок од балканската транспортна неповрзаност. Сонот за патување во Европа и кон светските атрактивни дестинации, економската криза, но и бројните војни и несогласувања помеѓу балканските држави се одразија и на опциите за патување со авион, воз или автобус на овие простори. Поради економската криза, во Грција втора година по ред се укинати меѓународните возови што сообраќаа кон Скопје, Белград, Софија, Букурешт и Истанбул. Според досегашните информации, возниот ред за 2013 година нема да донесе никакви позитивни промени за патување со воз кон оваа балканска држава. Затоа пак, неофицијалните информации кои се објавени за меѓународниот железнички сообраќај на Балканскиот полуостров за наредната година се повеќе од стравични.
*Од наредниот возен ред ќе се укине возот помеѓу Белград и Сараево?
Поради економската криза и долговите на Хрватска, во медиумите во оваа земја веќе се пишува за укинување на огромен дел од меѓународните возови кон Балканот, но и кон европските држави. Според сеуште непотврдените податоци, Хрватските железници ќе укинат 46 од сегашните 52 меѓународни возови, а меѓу дестинациите кои со сигурност ќе згаснат се возовите кон Сараево. Ако се оствари црното сценарио, од моменталните четири возови што дневно сообраќаат кон Белград, од 2013 година помеѓу хрватскиот главен град и српската престолнина ќе сообраќа само еден воз дневно. Поради недостиг на локомотиви, веќе е сигурно дека за наредната година нема да сообраќа возот од Белград кон Букурешт, но и неодамна воведената врска од Белград кон Сараево. Како што во моментов стојат работи, со воз од главниот град на Србија нема да може да се патува ниту кон Истанбул, кон Софија ќе остане само еден воз, додека кон Будимпешта ќе сообраќаат само два воза во текот на денот.
*Во 2013 година помеѓу Белград и Загреб ќе сообраќа само еден воз дневно
Од белградската автобуска станица не постои опција за патување кон Букурешт, Истанбул и кон Тирана, кон главниот град на Грција сообраќа по еден автобус само три пати во неделата, додека кон Сараево е предвидена само една врска дневно во попладневните часови. Од Белград кон Софија сообраќаат само два автобуса дневно. Од друга страна пак, слично на македонската метропола, од главната станица во Белград може се патува кон бројни дестинации во Франција, Холандија, Шведска, Италија, Германија, Данска и многу други западноевропски држави. Доколку имате желба да користите авион од меѓународниот аеродром во Тирана кон некоја од балканските метрополи, тогаш ќе наидете на идентична лоша поврзаност. Интернет – порталот „Билд“ провери дека во летниот ред за летање се впишани редовни авионски линии само кон Атина, Истанбул и Љубљана, додека за другите главни градови на Балканот треба да се патува преку некој од европските аеродроми. Речиси идентична е состојбата за патување со авион од аеродромите во Букурешт кон останатите балкански метрополи.
Бојан Блажевски