Претходна статија
Скопје ќе се гасифицира по пат на јавно - приватно партнерство
Следна статија
Хрвати и Канаѓани ќе не советуваат за ски - центарот Галичица

ТЕМА: Еколозите бараат транспарентност при изградбата на туристичкиот комплекс во Љубаништа

Објавено на 02.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Сахарајан Македонија - јавно презентирана визуелизацијаДржавните институции и претставниците на индискиот милијардер Субрата Рој во претстојниот период треба да покажат максимална транспарентност и отвореност во рамките на подготвителната процедура за изградба на големиот туристичко – рекреативен комплекс во Љубаништа. Највисок степен на значење треба да и се даде на студијата за оценка на влијанието врз животната средина. Охридските еколошки здруженија првично се запознаени со плановите за изградба на хотелите, казината и терените за голф на овој дел од охридското крајбрежје, но сеуште не ја имаат на увид целокупната документација. Од Хидробиолошкиот институт во Охрид даваат позитивно мислење за еколошкото влијание на проектот „Сахараја Македонија“, но истовремено напоменуваат дека ставот се однесува исклучиво на објектите што ќе се градат на копно бидејќи им било укажано дека градежни зафати во водите на Охридското езеро нема да има.

 

Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид е консултирано при изготвувањето на проектната документација. Тие сметаат дека планираната индиска инвестиција во вредност од околу 250 милиони евра би можела да има незначително влијание врз Охридското езеро и непосредната околина. Оттаму напоменуваат дека просторот предвиден за градење ги нема заштитените крајбрежни клифови, а при изградбата на комплексот нема да има интервенции врз дното на езерото. „Површината наменета за градба е силно изменета од човечки активности – тоа се земјоделски површини кои редовно се обработуваат и веројатно придонесуваат за внесување на нутриенти во езерото“, велат за „Билд“ од еколошкото друштво „Грашница“. Како и повеќето останати субјекти со кои контактиравме, од здружението се претпазливи со конечната оценка бидејќи не ја анализирале целокупната документација. „Сеуште го немаме целиот проект на увид, ниту студијата за оценка за влијание врз животната средина. Би полемизирале повеќе кога ќе ги имаме овие документи на увид“, истакнуваат тие.

 

Сахарајан Македонија - јавно презентирана визуелизацијаХидробиолошкиот завод во Охрид излезе со став дека е запознаен со проектот за изградба на рекреативно – туристичкиот комплекс, но во доставената документација до нив ги немало вештачките острови, полуострови и канали кои се публикуваа во македонските медиуми. Од нивна страна е дадено позитивно мислење за еколошка издржливост на проектот, но единствено доколку нема градба на објекти во езерото. Покрај од оваа институција, индискиот инвеститор ќе мора да се консултира со УНЕСКО пред да започне каков било градежен зафат во водите на Охридското езеро, бидејќи истото претставува заштитен екосистем кој е вметнат на списокот на светското природно наследство на специјализираната агенција на Обединетите Нации. Од општина Охрид истакнуваат дека комплексот во Љубаништа на индискиот милијардер ќе го оспорат пред судските органи, доколку локалната самоуправа не биде детално запознаена и вклучена во реализацијата на проектот и ако не добие цврсти гаранции дека предвидената градба нема да го загрози статусот на Охридското езеро во УНЕСКО.

 

Мапа на засегнатиот дел од Националниот парк „Галичица“„Билд“ се обиде да ја исконтактира управата на Националниот парк „Галичица“ како една од најзасегнатите страни во проектот, но оттаму не добивме одговори на поставените прашања. Според јавно публикуваните информации за паркот од нивна страна, строго заштитените делови се простираат на површина од 985 хектари. Од нив, дури три зони се наоѓаат во непосредна близина на најавениот туристички комплекс на индискиот милијардер. Крајбрежните карпи и клифови во Охридското езеро се простираат на потегот од селото Трпејца до плажата на автокампот Љубаништа и во нивната непосредна околина живее и се развива посебен и ендемичен растителен и животински свет. Втората зона е извориштето кај Свети Наум, кое претставува репрезентативен геоморфолошки и хидролошки објект кој се наоѓа во изворна состојба и се одликува со исклучителна пејсажна вредност.

 

Третата и најголема заштитена зона на охридската страна од Националниот парк „Галичица“ е високопланинскиот предел со врвот Магаро кој се издигнува над селото Љубаништа. Реткиот растителен свет во просторот кој што истовремено претставува живеалиште на ретки и загрозени видови птици (златест орел, бел и белоглав мршојадец и сив сокол) се главните одлики на оваа околина под строга заштита од страна на надлежните власти. Експертите напоменуваат дека не треба да се земе во предвид единствено влијанието на самите зданија од туристички комплекс врз животната средина, туку и на неопходната инфраструктура за водовод, канализација и патишта што треба да се завршат паралелно со реализацијата на огромниот проект, како и искористувањето на природните ресурси од самиот комплекс. Како проект планиран за развој на масовниот туризам, од суштинско значење ќе биде изработката на студија за максималниот број на туристи и карактерот на нивниот престој во околината, документ што треба да покаже дали посетата на десетиците илјади нови туристи би можела да ја уништи недопрената природна околина.

 

Првичните информации објавени пред неколку дена говорат дека големиот туристичко – рекреативен комплекс на индискиот милијардер Субрата Рој ќе се гради на површина од 234 хектари. Во проектот е зацртана изградба на луксузни хотели, казино на вода, марина, базени, рекреативни објекти и терени за голф. Вкупната инвестиција би изнесувала околу 250 милиони евра, при што по завршувањето со градба на зданијата би се привлекле десетици илјади туристи на годишно ниво. Проектот за комплексот „Сахарајан Македонија“ го изработи британското дизајнерско студио „Аткинс“.

 

 

» Форумска дискусија за проектот „Сахарајан Македонија“

 

 

 

Бојан Блажевски