Претходна статија
Ново осветлување на двата автопатски влеза во Скопје од источната страна
Следна статија
Општина Центар и годинава ќе доделува субвенции за велосипеди

ТЕМА: Чума од негрижа ги уништи македонските автокампови

Објавено на 01.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Живот во природа, но со сите удопства што може да ги овозможи современото општество. Спој на зеленило и мир, со примамливи цени за сместување и прехрана, придружена со другарување до раните утрински часови. Би можело да се набројуваат многу други предности што ги носи кампот како еден од најатрактивните сместувачки капацитети измислени од човекот. И покрај незаборавните годишни одмори оставени зад себе, мала е бројката на македонски граѓани што се грижат за актуелната состојба во која што се наоѓаат нашите автокампови. А заедно со нив, и надлежните државни институции и инвеститорите и локалните самоуправи се чини дека не им е гајле за тоа што вкупната бројка и условите за сместување во камповите опаѓаат од година во година.

 

„Андон Дуков“ во Охрид, „Треска“ во Радожда, „Езеро Треска“ во Скопје и автокампот во Градскиот парк во Скопје се само еден мал дел од сместувачките капацитети што се целосно уништени во изминативе три децении на македонска транзиција. Ниту еден дополнителен автокамп не е изграден. Претходното владино раководство активно го подготвуваше уништувањето на камповите „Ливадишта“ и „Љубаништа“, коишто требаше да прераснат во таканаречени затворени луксузни населби достапни за малубројни индивидуи. Судбината на овие туристички локалитети е оставена на одлуките на сегашната владејачка гарнитура, а всушност и голем дел од овие сместувачки капацитети се во сопственост на државните претпријатија и војската.

 

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) е сопственик и управител на автокампот „Ливадиште“, којшто успешно функционираше во текот на минатата сезона. Единствената позначајна инвестиција во изминативе години е направена токму во овој автокамп. ЕЛЕМ во 2015 година вложи околу 3 милиони денари во уредување на атрактивната локација со површина од околу 55 хектари. Се разбира, висината на инвестицијата не кореспондира со големината на самиот автокамп, така што употребените средства во минимални рамки ги подобрија условите за престој на оваа локација.

 

Армијата на Република Македонија во 2011 година најави осовременување на автокампот „Свети Наум“. Тогашната власт вети изградба на 34 бунгалови и зголемување на капацитетот на туристичкиот локалитет за 204 легла, но ништо од најавеното не се реализираше во реалноста. Една кратка прошетка до овој автокамп може лесно да покаже дека отпочнатата градба на бунгаловите не е довршена, а прашање е и во што се потрошени предвидените 25 милиони денари за проширување на овој камп. Едно од ретките позначајни вложувања беше направено во 2014 година, кога приватен инвеститор го обнови во целост автокампот Крани во Преспа.

 

Негрижата за македонските автокампови може лесно да се отслика низ актуелните бројки. Ниту еден нов сместувачки капацитет не е изграден во изминативе три децении, додека во постојните локалитети не се инвестираат потребните средства за модернизација. Државниот завод за статистика одамна не ги надополнил податоците за овие капацитети за сместување. Нивните бројки од 2010 година говорат дека во Македонија опстоиле единствено 11 кампови. На располагање на туристите им биле ставени 559 сопствени легла во бунгалови и вили, 2.221 легло во камп – куќички и камп – приколки и 6.233 легла во шатори и камп – приколки што можат да се постават од посетителите. Ова е единственото што остана од некогашните социјалистички одморалишта, коишто привлекуваа по десетици илјади гости во текот на една сезона.

 

 

Но, не сите сместувачки капацитети се уништени со распадот на некогашниот општествен систем и на СФР Југославија. Типичен пример за ова е автокампот „Треска“ во близина на струшкото село Радожда. Прошетката низ овој локалитетот покажува дека посетители за одмор во кампот имало во 1999 година. Низ бајковитиот пејсаж на природата крај пограничната линија со Република Албанија може лесно да се забележи чумата од негрижа на Македонецот. Разурнати камп – приколки, искршени прозорци од бунгалови и камп – куќички, разорен ресторан, а целиот локалитет наликува на украинскиот град Припјат крај нуклеарната електрана Чернобил.

 

И до денешен ден, на оваа идилична природа во Радожда им се радуваат бројни посетители коишто доаѓаат на еднодневен одмор. Сепак, сите тие ги оставаат зад себе тоните отпад, коишто гнијат и се распаѓаат заедно со сместувачките капацитети на автокампот „Треска“. Заедно со нив, бледнејат сеќавањата на долгите летни ноќи минати крај Охридското езеро. Некои од поранешните домашни посетители и странски гости и денес се навраќаат во посета на овој автокамп. Она што може да го забележат таму е прикажано на фотографиите што следуваат како шлагворт на оваа тема.

 

 

 

Текст, фотографии и инфографик:

Бојан Блажевски, bojan.blazevski@build.com.mk