Двата македонски аеродроми со извонредни резултати од работењето во текот на 2015 година. Во конкуренција на поголемите аеродроми од регионов, скопскиот „Александар Велики“ успеа да се искачи на самиот врв според стапката на раст на патници во изминатата година. Со пораст кај бројот на патници од 20,2%, аеродромот во Скопје се искачи пред истанбулскиот „Сабиха Гокчен“ (20%) и аеродромот во Атина (19%). Погледнато на ниво на Балканскиот полуостров, спектакуларен раст кај бројот на патници прикажаа аеродромите во Атина и Истанбул. За само една година, леталиштето во грчката метропола успеало да привлече дополнителни 2.890.525 патници, додека доброто менаџирање довело до 4.604.297 нови патници на вториот по големина аеродром во Истанбул.
На домашен терен, низ скопскиот аеродром „Александар Велики“ во изминатите 12 месеци минале 1.452.465 патници, додека услугите за транспорт со авион од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ги користеле 107.916 патници. Аеродромот во Охрид доживеа раст кај бројот на патници од 54,2% во однос на претходната година, што се должи на порастот на бројот на туристи и воведувањето на две нови авио линии од страна на „Визер“ кон Лондон и Базел. Севкупно земено, низ двата македонски аеродроми лани минале 1.560.381 патници.
На подрачјето на Балканскиот полуостров, единствен пад во воздухопловниот превоз е констатиран кај аеродромите во Тиват и Бургас. Најголем губитник во регионални рамки е аеродромот во Бургас, кој со 2.360.320 патници бележи намалување во своето работење од 6,7% во споредба со 2014 година. Наспроти нив, со респектабилни бројки во растот на авиосообраќајот може да се пофалат и уште неколку поголеми аеродроми. Леталиштето во Букурешт лани остварило раст кај бројот на патници од 13,6% во однос на 2014 година, односно низ него минале дополнителни 1.029.868 патници. И аеродромот во Солун во 2015 година остварил забележително зголемување на авиосообраќајот од 10,1%, или изразено во бројки, неговите услуги ги ползувале нови 506.230 патници.
Достапните статистики на Интернет од аеродромските управи и од статистичките центри ги дополнува и блогот EX-YU Aviation News, кој посочува дека белградскиот аеродром со 4.776.110 патници и во 2015 година останува најфреквентен аеродром на подрачјето на поранешна СФР Југославија. Според нивните информации, скопскиот „Александар Велики“ во бројот на патници лани успеал да го надмине љубљанскиот аеродром „Јоже Пучник“, но и понатаму заостанува зад приштинското леталиште „Адем Јашари“.
Зголемен авиосообраќај во иднина = национален авиопревозник + втора нискобуџетна компанија?
Во 2016 година од македонските аеродроми може да се очекуваат авио линии кон четири нови дестинации – Копенхаген, Братислава, Берлин и Прага. Проценките се дека растот на авиосообраќајот и нареднава година ќе е загарантиран, но за наредните години ќе мора да се направи нешто повеќе поради силната конкуренција во регионот. Едно од решенијата е воведување на македонски национален авиопревозник, кој би требало да генерира зголемување на бројот на патници и авио линии. Вториот предлог е државата да се пренасочи кон избор на втора нискобуџетна авио компанија, која со помош на субвенции би отворила дополнителни линии кон европските метрополи. Упатените посочуваат дека растот на авиосообраќајот во наредните години ќе мора да биде проследен и со зголемување на свесноста кај граѓаните за користење на овој вид транспорт.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk