Претходна статија
Отворена првата „барокна“ катна гаража во Скопје
Следна статија
Речиси 70.000 објекти чекаат на легализација, неажурноста на општините ќе се казнува

Се изработува проектна документација за ТИРЗ Радовиш

Објавено на 21.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони потпиша договор со „Прима инженеринг“ од Скопје за изработка на проектната документација за технолошко индустриската развојна зона во Радовиш. Планирано е во наредните осум месеци да се завршат неопходните проектантски услуги, а склучениот договор е во вредност од 3.436.359 денари или околу 56 илјади евра. Државното земјиште за привлекување на нови странски инвеститори во Радовиш е лоцирано во месноста „Долна Рудина“ и се простира на површина од околу 10 хектари. Покрај зоната минува постоечкиот магистрален пат А4 (М-6), во нејзина непосредна близина е зацртан идниот автопат и магистралниот гасовод кон Струмица. За индустриската зона во Радовиш е изработена државната урбанистичка планска документација, а завршени се и потребните геомеханички и хидролошки истражни работи.

 

На ниво на Македонија, досега е започната изградбата на технолошко индустриските развојни зони во Скопје, Штип, Гевгелија, Кичево и Прилеп. Во најнапредна фаза на реализација е ТИРЗ Скопје 1, во која целосно е завршена неопходната инфраструктура за идните производствени погони на странските инвеститори.  Пред неколку недели беше донесена одлуката за давање под концесија на ТИРЗ Тетово на норвешката компанија „Нормак инвестмент груп“, која ќе управува со просторот во наредните 96 години, а за индустриските зони во Струга, Ранковце и Струмица е предвидено да започне постапката за изградба во претстојниот период.