Претходна статија
Уште еден „барокен“ хотел ќе се гради под скопското Кале
Следна статија
Во Охрид ќе се гради променада

„Т-Мобиле“ ќе го реализира електронскиот систем за наплата во автобусите

Објавено на 01.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За најмногу девет месеци во скопските автобуси ќе биде воспоставен електронски систем за наплата на билети, ќе се воведе автоматско лоцирање на возилата, а на автобуските станици ќе се постават информативни дисплеи што ќе го прикажуваат времето на пристигнување на автобусите. ЈСП-Скопје го потпиша договорот со „Т-Мобиле“, со кој се предвидува набавка на 200.000 електронски картички, 50 уреди за нивна контрола и 500 валидатори за електронски билети што ќе бидат инсталирани во сите градски автобуси, вклучувајќи ги и оние на приватните превозници. Предвидено е картичките за користење на градскиот превоз да се продаваат на 58 продажни места и билетарници, пренесува весникот „Вест“ во денешното издание.

 

 

 

Електронскиот систем за наплата на билети ќе функционира како во останатите европски градови. Секој патник ќе мора еднократно да купи електронска картичка за градски превоз, која во било кое време ќе може да ја надополни со одредена финансиска сума. При влегувањето во автобус, картичката ќе мора да се доближи до валидаторот, кој автоматски ќе ја одземе потребната сума за едно возење. Контролорите на ЈСП-Скопје со посебни уреди ќе ги проверуваат електронските картички на граѓаните, при што за оние што се возат со непоништен билет ќе следуваат казни.

 

Покрај оваа новина, во градските автобуси ќе се инсталираат GPS уреди за сателитско следење на возилата и диспечерски центар за нивно следење. Паралелно со овој систем, на автобуските станици ќе се постават 40 нови дисплеи за информирање на патниците за времето на пристигнување на автобусите. За реализација на овие проекти, ЈСП-Скопје е должно да издвои финансиски средства во износ од 3 милиони евра.

 

Тендерот за осовременување на јавниот градски превоз во главниот град беше распишан од ЈСП-Скопје на почетокот од мај годинава. Воведувањето на сите овие проекти беше едно од главните ветувања на ЈСП-Скопје во изминатите неколку години, при што тендерите беа објавувани и поништувани дури четири пати.

 

 

Бојан Блажевски