Претходна статија
Започна реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ во Влае
Следна статија
Во Охрид догодина ќе се гради нов Здравствен дом

Свечено отворен БИМАС 2018

Објавено на 13.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

XIX Биенале на македонската архитектура вечерва беше свечено отворено во Музејот на град Скопје. Во наредните две недели ќе се одржат серија на настани што ќе ја третираат темата „Баукултур“ како култура на градење и градење култура. Директорката на Музејот на град Скопје Фросина Зафировска го прогласи за отворен БИМАС 2018.

 

 

Во името на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), на свеченоста се обрати нејзиниот претседател Мартин Пановски. Тој посочи дека културата на градење им недостига на македонските архитекти, но и на целокупното наше општество. „На ова Биенале ќе зачнеме теми со кои Асоцијацијата ќе се занимава во следните неколку години“ изјави претседателот на ААМ, Мартин Пановски.

 

 

Како претседател на организациониот одбор на овогодинешното Биенале, пред бројната публика на отворањето се обрати и архитектот Владимир Десков. Тој нагласи дека терминот „баукултур“ се користи во германското говорно подрачје и нема соодветен превод на македонски јазик. „Баукултур претставува општо добро и заедничка одговорност и битката за него подразбира колективен напор“ истакна Владимир Десков, потенцирајќи дека во овој контекст е осмислен овогодинешниот БИМАС.

 

 

Тој ги повика граѓаните да земат учество во претстојните настани, заедно со претставниците на граѓанскиот сектор и останатите активни чинители на нашето општество. Во периодот до 27 септември на различни локации во Скопје ќе се одржат изложби, разговори, проекција на документарен филм, детска работилница и обиколка на неколку објекти во главниот град.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk