Претходна статија
Значителен пад во транспортот на патници и стоки, исклучок е авиосообраќајот
Следна статија
Македонија допрва треба да развива проектни менаџери во областа на градежништвото

Судбината на Чебрен и Галиште ќе се знае до 15 јули, пет мали хидроелектрани ќе бидат завршени до крајот на годинава

Објавено на 31.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поглед на Чебрен - извор на фотографијата: ЕЛЕММинистерот за економија Ваљон Сарачини во денешната изјава за медиумите напомена дека најдоцна до 15 јули ќе се знае дали и кој ќе ги гради хидроелектраните Чебрен и Галиште. Иако помина огромен временски период за преговарање и одлуката требаше да се донесе уште кон крајот на минатата година, допрва треба да се прецизираат и усогласат важни детали што се однесуваат на самиот проект, а кинескиот конзорциум China Water Electric (CWE) планира да ја заокружи финансиската конструкција за двата енергетски објекта во претстојниот период. „Кинеската Влада веќе одобри фонд од 10 милијарди долари за инвестиции на кинески компании во Југоисточна Европа. Една од компаниите која аплицираше за Чебрен и Галиште – CWE очекува дека може да добие дел од тие средства, па и ние очекуваме брз одговор од нивна страна“, изјави министерот Сарачини. Во согласност со доставените понуди на тендерот, кинеската компанија на државната Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и нуди 40,5% од акциите, додека грчката Public Power Corporation (PPC) е подготвена да отстапи удел од 28% од акциите на идните хидроелектрани.

 

Мала хидроелектранаПокрај осврнувањето за овие два енергетски објекта, министерот Сарачини денеска се обрати и на Форумот за развој на малите хидроелектрани во земјава. Тој напомена дека досега се потпишани 68 договори за концесии за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани со планирана инсталирана моќност од 58 мегавати. Моментално се изградени пет, а до крајот на годинава ќе бидат готови уште пет енергетски објекти од овој вид. „Сите други се во напредна фаза на изведба и се очекува до крајот на наредната година да бидат завршени бидејќи е услов три години по потпишувањето на договорот да бидат готови“, нагласи министерот за економија Ваљон Сарачини.

 

Првиот човек на министерството за економија и министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми се задржаа на најчестите проблеми со кои се соочуваат приватните инвеститори при изградбата на мали хидроелектрани. Компаниите најмногу се жалат на добивањето согласности од надлежните институции, но и на рокот за концесионирање што започнува веднаш по потпишувањето на договорот а нивната изградба почнува дури по две или три години. „Концесионерите бараат периодот за концесионирање да почне да им се пресметува барем од денот на добивањето на дозвола за градба. Имаат и други забелешки кои ќе се обидеме во следниот тендер да ги елиминираме“, истакна во својот говор министерот Адеми.